На барање на општина Центар, Владата на седница синоќа ја усвои Информацијата за измена и дополнување на намената на одобрени, а неискористени средства од буџетот.
Во периодот од 2007 до 2013 година како капитални дотации од буџетот на сметката на општина Центар биле префрлени 3,5 милијарди денари за изградба на фонтани, спомен обележја, летниковец, колонада, постаменти за споменици и скулптури од проектот „Скопје 2014“. Потрошени се 3.463.845.343 денари, а нереализираните средства изнесуваат 83.544.657 денари, кои општина Центар ќе ги искористи за капитални проекти.
Со овие пари, како што соопшти општина Центар, ќе се платат доспеаните обврски за изградба на мостови и катна гаража, обврските од судските спорови од време кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ и ненаменско трошење на средствата.
Парите ќе бидат пренаменети и за изградба и реконструкција на друга инфраструктура согласно Програмата за уредување на градежно земјиште на општината.