Според кошаркарскиот сајт „Спортандо“, Ричард потпишал за јапонскиот клуб Осака Евеса
Македонската сениорска кошаркарска репрезентација, најверојатно, ќе остане без крилниот центар (2,03 м), натурализираниот Американец Ричард Хендрикс (32), во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година. Според кошаркарски сајт „Спортандо“, тој потпишал за јапонскиот клуб Осака Евеса, па сега е нејасно дали ќе добие дозвола од клубот да ги брани боите на Македонија во февруари следната година, кога започнуваат квалификациите.
Ако Македонија нема да може да смета на него, тоа секако дека би претставувало голем хендикеп, со оглед дека станува збор за кошаркар што во претквалификациската фаза за пласман на ЕП, беше втор стрелец со 15,3 поени, а прв скокач со 10,7 скока во македонскиот состав. Хендрикс беше дел од македонската репрезентација што настапи на ЕП во 2015 година.
Дали ова значи дека уште од сега ќе почне да се размислува за доведување нов натурализиран кошаркар на негово место или, пак, ќе се смета само на центарот Шејн Витингтон, останува да се види.
Во претстојните квалификации за ЕП, Македонија е во група со Русија, Естонија и со Италија, која, пак, е и еден од организаторите на ЕП 2021, што значи дека има обезбедено директен пласман. Жолто-црвените најпрво ќе ја пречекаат Естонија, а потоа ќе следува и гостување на Русија. Првите две селекции обезбедуваат пласман на ЕП.