Македонските кадетски боксерски репрезентативци освоија три медали на Купот на нациите, кој се одржа во Врбас (Србија), што претставува голем успех, ако се знае дека турнирот беше меѓународен и од А-категорија.
Со злато се закити Адријан Аземи (над 80 кг), кој во финалето славеше против Индиецот Гупта Вишал, сребро освои Ајхан Озмен (до 66 кг), откако во финалето беше поразен од Казахстанецот Султан Бабаханов, кој е азиски континентален првак, а до бронзата стигна Илхан Озмен (до 60 кг), кој го победи „бронзениот“ на последното ЕП, Унгарецот Ференц Саму, а во полуфиналето загуби од Русинот Максим Шумов.
Со боксерите беа тренерите Васко Цубалевски и Насер Харуни, а во составот на делегацијата беше и боксерскиот судија Стефан Цубалевски.
Во спортскиот центар „Драго Јововиќ“ во Врбас настапија над 100 боксери во машка и женска конкуренција од 13 држави.