На дерби-мечот Манчестер сити – Тотенхем (2-2), победоносниот гол на Габриел Жезус во 93-та минута беше поништен по интервенцијата на судиите од контролното ТВ-студио (ВАР), слично како и во април, на реванш-четвртфиналниот меч во Лигата на шампионите (ЛШ)
Вториот викенд во новата 2019/2020 сезона во Премиер-лигата, повторно е во знакот на видеоасистент-судијата, ВАР. На дерби-мечот Манчестер сити – Тотенхем (2-2) победоносниот гол на Габриел Жезус за 3-2, во 93-та минута, по интервенцијата на судиите од контролното ТВ-студио (ВАР) беше поништен поради играње со рака на Емерик Лапорт во акцијата пред постигнувањето на голот. Во редовите на Сити имаше незадоволство поради ваквата разврска. Менаџерот Пеп Гвардиола по мечот изјави дека мора да се прифати таквата одлука, но и додаде дека во слична ситуација, кога можело да се досуди пенал за неговиот тим, судиите во ВАР-студиото не ја прегледале снимката затоа што веројатно биле на „пауза и пиеле кафе“!
Според измените на правилата во врска со играњето со рака што се применуваат од сезонава, секој постигнат гол по играње со рака случајно или на каков било друг начин, се поништува. ВАР беше во употреба и на премиерниот меч сезонава на Сити, против Вест Хем (5-0), кога беше поништен голот на Рахим Стерлинг и кога беше повторено изведувањето на пеналот на Серхио Агуеро.
– Тешко е да се прифати вакво нешто. Ние постигнавме гол во финишот од мечот. Дали беше сѐ во ред, прашајте ги ВАР-судиите, не мене – изјави Гвардиола.
Ваквата разврска на настаните на стадионот „Етихад“ потсетија и на случувањата од април, од реванш-четвртфиналниот меч во Лигата на шампионите (ЛШ) меѓу овие два тима. Тогаш Стерлинг го постигна решавачкиот гол во 94-та минута што значеше пласман на Сити во полуфиналето. Но по интервенцијата на ВАР-судиите, тој гол беше поништен поради офсајд на Серхио Агуеро по што големото славење меѓу фудбалерите и навивачите на Сити се претвори во тага, а радоста се пресели во противничкиот табор.
– Ова е апсурдно, за мал, безначаен допир на топката со рака да се поништи гол. Правилата се правила, мене не ми е докрај јасно ова, но мислам дека работите треба да погледнат и од друг агол – изјави Кевин де Брујне, кој асистираше при постигнувањето на двата гола на Сити.
За Сити ова беше прв првенствен меч на кој не забележува победа, по серијата од 16 триумфи и поразот од Њукасл, 1-2 во јануари годинава.
Поништувањето на победоносниот гол на Сити и начинот на употребата на ВАР, поточно правилото за играње со рака наиде на различни реакции, повеќе негативни.
– Гол постигнат по такво играње со рака не би се поништил во ниту една држава во светот. Да не беше ВАР не верувам дека некој, било на трибините, било пред ТВ-екраните, би забележал дека имало некакво играње со рака – изјави Дени Марфи, поранешен познат фудбалер, сега стручен коментатор на Би-би-си.
Уште еден поранешен познат фудбалер на Манчестер јунајтед, сега коментатор, Гери Невил, рече дека ВАР бил најдобриот играч на Тотенхем.
– Нивните навивачи скандираа ВАР, ВАР. Мислам дека немаше ништо побитно за нив на овој меч – изјави Невил.