Британски Инеос (до скоро Скај) имал буџет од 38 милиони фунти за 2018 година, што е речиси двојно повеќе од другите врвни велосипедски тимови

По седумте триумфи на последните осум трки Тур де Франс, може да се каже дека тимот на Инеос (до скоро Скај) е непобедлив! Годинава првпат на Тур триумфира еден Колумбиец, Еган Бернал, пред клупскиот колега и лански победник Герент Томас, а за силата на Инеос говори и податокот дека не се почувствува отсуството на повредениот четирикратен победник Крис Фрум.
Од 2012 до 2019-та, со исклучок на 2014-та, кога победи Италијанецот Винченцо Нибали, на Тур триумфираа четворица различни возачи на Инеос (Скај), Фрум четири пати, Вигинс, Томас и Бернал по еднаш. Покрај Тур, велосипедистите на Инеос победуваа и на Џиро д’Италија и на Вуелта, или вкупно на девет од последните 23 грантур-трки (Тур, Џиро и Вуелта).

Познавачите на состојбите во овој спорт велат дека Инеос има сѐ што е потребно за успех: време, експерти, развоен оддел и врвни велосипедисти. Сите тие работи се важни, но она што е најважно и е темелот врз кој се потпира Инеос се парите што ги има многу повеќе од другите тимови. Сè додека е така, треба да се очекува дека Инеос ќе ја задржи репутацијата на главен играч во светот на велосипедизмот.
За тоа што е разликата во споредба со другите тимови, одговорот на Инеос накратко е во ефикасното завршување на работата. Се тренира напорно, со поголема дисциплина и со поголема фокусираност. Тимот секогаш ја туркаше идејата дека успехот се сведува на дисциплина и на напорна работа. Кога Ричи Порт, тогашен врвен помошник-возач на Скај, победи на трката Париз – Ница во 2013 година, доминацијата на тимот ја објасни со „ние тренираме понапорно од сите други“! Тука удел има и посветеноста на генералниот менаџер, Дејв Брејлсфорд, кој инсистираше на минимални подобрувања во многу различни области што тимот го прават победнички. (Ова е позајмено од јапонскиот концепт на каизен, кој вклучува постојани мали подобрувања со текот на времето.)

Во професионалниот велосипедизам многу работи се држат во тајност, а договорите на возачите не се јавни. Се претпоставува дека Фрум заработува четири-пет милиони долари годишно. Слично на тоа, и тимските буџети не се објавуваат јавно, со два исклучока. Еден од нив е Инеос.

Тимот е британска компанија наречена Тур Рејсинг ЛТД (75 проценти во сопственост на Инеос, мултинационален конгломерат за хемикалии). Според законот, Инеос мора да ги објавува основните финансиски информации на годишно ниво, кои се достапни за секого. За 2018 година, тимот имал буџет од 38 милиони фунти. Другиот тим со верифициран буџет е Аг2р ла Мондијал, со околу 17 милиони евра за 2017 година. Тоа, според генералниот директор на Мичелтон-Скот, Шејн Банан, е приближен просечен годишен буџет на другите тимовите. 


Се ангажираат врвни возачи, но и млади таленти

Инеос не штеди пари. На почетокот, во 2010 година, буџетот на Скај изнесувал 14 милиони фунти. Но со благослов на Џејмс Мардок, поранешен претседател на ТВ Скај и голем поддржувач на тимот, финансирањето се зголемувало секоја година. Кога Инеос го презеде спонзорството во мај годинава, улогата на финансиер се префрли на Џејмс Ратклиф, извршен директор на Инеос, за кого велат дека е подготвен да потроши многу пари.
Има врвна опрема, пред сѐ. Тимскиот автобус (со прекар „Ѕвезда на смртта“) и другите возила се проценуваат на речиси 2,8 милиони долари. Тука е и опремата, како што се 10-те комплети тркала „лајт мелштајн обермаер“, кои чинат речиси 7.000 евра. Пари одат и на врвните тренери, на Тим Керисон, креаторот на мистериозните планови за подготовки. Се плаќаат скапите тренинзи во зима на места како што се шпанската Сиера Невада или на Тенерифе. Но најмногу од сè, парите се користат за ангажирање врвни возачи.
Покрај лидерите, тимот добро ги плаќа и нивните помошници. Инеос работи на развојот на младите возачи, но ги купува и врвните таленти.