Специјалната обвинителка Катица Јанева во вторник ќе треба да се појави во Основното јавно обвинителство, каде пред Вилма Русковска ќе треба да одговори која е нејзината улога во случајот „Рекет“.
Распитот на Јанева доаѓа еден месец по отворањето на истрагата за „Рекет“ каде засега осомничени се само Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец. Според Обвинителството, двајцата се сомничат дека изнудувале рекет од бизнисменот Орце Камчев, а за возврат тој требало да биде ослободен од истрагата за случајот „Империја“. Уште по отворањето на истрагата, обвинителката Русковска рече дека постои можност истата да се проширува.
Досега сведочеа обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“ и обвинителката Елизабета Јосифовска која како заменик на Јанева потпишала решение за отфрлање на притвор за Орце Камчев.
Утре во Обвинителството за организиран криминал треба да се појави обвинителот Бурим Рустеми кој треба да даде исказ за случајот „Рекет“.