Четири пати во завршниците или немавме среќа или не игравме доволно добро, но сега сме подготвени да сториме сѐ за конечно да триумфираме, смета вардаровата голманка, Лејно
Ракометарките на европскиот вицепрвак Вардар, викендов во Будимпешта ќе се обидат во својот петти настап во низа на завршниот фајналфор во Лигата на шампионките (ЛШ), првпат да се закитат со титулата шампионки на Европа. А да се стигне до неа, најпрво денеска (18 ч., пренос на МТВ), треба да го совладаат рускиот првак и дебитант на фајналфорот во ЛШ, Ростов, а потоа и победникот од првото полуфинале, пак, (15.15 ч.), каде што силите ќе ги одмерат првакот за 2016 година, романски Букурешт и трикратниот шампион и актуелен бранител на титулата, унгарски Ѓер (2013, 2014, 2017). Подобрите од овие две полуфинални средби утре ќе играат во големото финалето (18 ч.), додека поразените за третото место, истиот ден (15.15 ч.)
Вардарки досега трипати беа третопласирани во завршницата во ЛШ, а лани во финалето загубија од Ѓер, но дури по продолжението, иако го имаа последниот напад за победа во регуларниот дел.
– Сега веќе имаме искуство со вакви завршни натпревари. Ете, четири пати во завршниците или немавме среќа или не игравме доволно добро, но сега сме подготвени да сториме сѐ за конечно да триумфираме – нагласува вардаровата голманка, Амандин Лејно.
Вардар и Ростов досега немале меѓусебни средби во ЛШ, но затоа двапати се сретнале на меѓународниот турнир во Скопје, кој го организира Вардар и еднаш на подготвителен турнир во Букурешт. Во Скопје резултатот е по една победа и пораз за двете екипи. Ростов лани во финалето го победи Вардар со 33-26, а вардарки, пак, во 2015 година славеа со 29-22. Во Букурешт, пак, славеше Вардар со 21-14. Доволен доказ за квалитетот на рускиот претставник (играат шест интернационалки), во кој посебно отскокнуваат, левиот шпански бек Алексндрина Барбоса, десниот црногорски бек Катарина Булатовиќ, левото крило Сираба Дембеле, десниот бек Ана Вјахирева.
Левиот бек на Ростов, Ана Сен (28), смета дека Ростов може да стигне до европска титула и покрај тоа што е дебитант во Будимпешта.
– Наша цел е да го освоиме победничкиот пехар во ЛШ. Сите учеснички на него сме успеале да ги победиле, па затоа не стравуваме од никого. Добро сме подготвени и на тактички и на физички план. Вардар има искусен и добро избалансиран тим, кој секоја година игра на фајналфор – вели Сен.
Судиската правда на дуелот со Ростов им е доверена на Романките, Диана-Кармен Флореску и Ана Марија Стоиа.
Саатница
ДЕНЕС
Букурешт – Ѓер 15.15 ч.
Ростов – Вардар 18 ч.
УТРЕ
меч за трето место 15.15 ч.
меч за прво место 18. ч.
ТВ-пренос во 55 држави
Првпат од воведувањето на завршниот фајналфор во ЛШ по овој модел (сезоната 2013/2014), овој спортски спектакл, ќе биде директно пренесуван со 22 ТВ-станици, а истиот тој ќе биде преземен од 55 држави. Капацитетот во салата „Ласло Пап“ во Будимпешта изнесува 12.000 гледачи.
Ревија на трофејни ракометарки
Во Будимпешта љубителите на ракометот, покрај возбудувањата на теренот, ќе бидат сведоци и на голем број ракометни ѕвезди. Така, таму ќе настапи најтрофејната ракометарка во ЛШ, десниот црногорски бек Катарина Булатовиќ (Ростов), која може да се пофали со четири титули со три различни клуба во ЛШ. Две со Будуќност (2012 и 2015) и по една со Ѓер (2014) и со дански Шлагелсе (2007), од кој последнава по стариот играчки формат во ЛШ.
Трипати шампионскиот пехар го подигнале, Едуарда Аморим и Анита Горбиц (Ѓер), а двапати со Будуќност, Драгана Цвијиќ (сегашната член на Вардар) и Мајда Мехмедовиќ (2012 и 2015).