Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска престојува во посета на земјава по повод заедничкото одбележување на двегодишнината од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Скопје и Софија.
Борисов претпладнево официјално ќе биде пречекан во Владата од премиерот Зоран Заев. Двајцата премиери и владините делегации ќе имаат билатерални средби на кои ќе го разгледаат напредокот на соработката на билатерален и мултилатерален план.
Според најавената агенда, по официјалниот пречек и билатералните средби на владините делегации, Борисов и Заев ќе одржат заедничка прес конференција во Владата со почеток во 10.10 часот.
Потоа, тие ќе се упатат кон црквата „Свети Спас“ каде ќе положат цвеќе и ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев, а од таму, Борисов ќе замине кон вила Водно, каде треба да оствари средба со шефот на државата, Стево Пендаровски.
Веќе во попладневните часови, Борисов и Заев во Дојран ќе положат цвеќе на споменикот на полковникот Константин Каварналиев.