На онлајн-петицијата се потпишале 28.000 луѓе што сакаат да ѝ се стави крај на „сексистичката традиција“ на Тур, девојките на подиумот да им подаруваат букети цвеќе и да ги бакнуваат велосипедистите по секоја етапа
Илјадници лица ја потпишаа онлајн-петицијата, а голем број познати активистки за правата на жените ја критикуваа „сексистичката традиција“, односно да има девојки како декор на подиумот за време на церемониите по етапните трки на велосипедската трка Тур де Франс. Петицијата, која повикува да му се стави крај на „искористувањето“ на жените на Тур, доби повеќе од 28.000 потписи, објави „Асошиејтед франс прес“ (АФП).
На Тур девојките се задолжени да им подаруваат букети цвеќе на победниците по категории на етапните трки. Девојките, исто така, дискретно ги бакнуваат велосипедистите на двете страни од лицето.
– Жените не се награди или сексуални предмети, нивното место на подиумот треба да е во спортска конотација, а не да бидат декор или како награди – вели активистката Фатима Беномар во видеото објавено на Фејсбук, на кое се гледа како протестира пред канцеларијата на организаторот на трката, организацијата „Амори спорт“ (АСО).
Еден коментар гласи: „Еден куп цвеќиња, прскање шампањ, жолта маичка на победникот… И скромно и ненаметливо облечени жени, кои ги бакнуваат тројцата најдобри велосипедисти што слават. Дали тоа навистина е суштинскиот дел од церемонијата на доделување на наградите?“ „Времињата се променија, мораме да ја прекинеме оваа сексистичка традиција во велосипедизмот“, напиша друг.
АСО одби да го коментира прашањето од „Асошиејтед франс прес“ (АФП) за ова, но директорот на трката, Кристофер Прудом, минатата година рече дека таквата практика ќе продолжи.
– На машките трки, меѓу кои е и Тур де Франс хостесите и понатаму ќе опстојуваат – изјави Прудом.
На еднодневната класична трка, Флех-Валон во 2018 година, на која се натпреваруваа мажи и жени, АСО ангажира машки и женски хостеси на победничкиот подиум. Лани во мај, канцеларијата на градоначалничката на Париз, Ана Идалго, соопшти дека сака да го види крајот на обичајот жените да го бакнуваат победникот на Тур, на Елисејските Полиња, нарекувајќи го тоа „сексистички стереотип“.
На трката Околу Шпанија, позната и како Вуелта, од 2017-та, девојките на подиумот се заменети со машко/женска комбинација. Формула 1 од лани ѝ стави крај на традицијата да има девојки на стартно/целната рамнина пред трката. На Џиро д’Италија, како и на Тур де Франс, две од трите грантур-трки, продолжува традицијата девојките да им честитаат на победниците по секоја етапа.