Свинските месни производи ќе поевтинат за 10 до 15 отсто или за околу 30 денари за килограм, најавија денеска преработувачите, поздравувајќи ја времената владина одлука за укинување на увозните давачки.
Претставниците на месната индустрија очекуваат во наредните шест месеци, додека трае одлуката, да ги реализираат своите очекувања за зголемување на производството.
Според нив, со укинувањето на увозните царински давачки производителите на свинско месо нема да бидат загрозени зашто мерката не е стопроцентна, туку се однесува на ниво на 50 отсто од утврдените потреби за суровини.
Проценките на преработувачите се дека поскапите свински производи како печеницата, вратот, пршутата, куленот и чајната ќе поевтинат повеќе од 30 денари, а производите како виршлата помалку.