Речиси сите фаворити за победа (или топ 10) беа изведени во првата евровизиска вечер, а консензус во евровизиските кулоари беше дека во конкуренцијата во второто полуфинале Македонија најверојатно би била финалист. Сепак, во традиционалното гласање на акредитираните новинари, кое се одржува пред полуфиналето, Македонија го зазеде последното место

Игор Трајковски,
специјално за „Нова Македонија“ од Лисабон

За Македонија, шести пат едноподруго, нема влез во финалето на „Евросонг“. Иако, според многумина, имавме најдобра евровизиска песна од сите што досега сме ги пратиле, комплетниот настап на нашите претставници на 63-то евровизиско издание не успеа да ги шармира жиријата и гласачкото тело во другите 18 земји-учеснички. За финалето на 12 мај се изборија: Литванија, Финска, Естонија, Австрија, Ирска, Бугарија, Албанија, Кипар, Израел и Чешка.
Без финале, покрај Македонија, останаа и Грција, Хрватска, Белгија, Швајцарија, Ерменија, Азербејџан, Исланд и Белорусија. Пласманот на секоја земја поединечно ќе биде познат по завршувањето на финалето в сабота, кога ќе се објават листите со поените доделени од жиријата и телефонското гласање.

Во прес-центарот во Лисабон немаше некое изненадување од исходот, освен можеби за Хрватска, која, главно, важеше за финалист. За другите земји што отпаднаа од конкуренција мислењата, бездруго, беа поделени, па никој – освен понекој од закоравените обожаватели – не беше потресен. Во традиционалното гласање на акредитираните новинари, кое се одржува пред полуфиналето, Македонија остана на последното место.

Факт е дека првото полуфинале беше натпреварувачко. Речиси сите фаворити за победа (или топ 10) беа изведени во првата евровизиска вечер – консензус во евровизиските кулоари беше дека во конкуренцијата во второто полуфинале Македонија најверојатно би била финалист. Но, кога и би било така, тогаш ни во финалето не би направиле бум со пласманот, па и таа условна правда би била само за привремено смирување на страстите.

Членовите на „Ај кју“ си ја завршија својата работа солидно, настапувајќи единаесетти, што се однесува до песната како двигател на настапот, а беа бурно наградени и од повеќеилјадната публика во арената „Алтис“. Заедно со Марија, Бојан и Иво, на сцената како придружни вокали беа и младите пејачки Антонија Гиговска, Дина Јашари и Валери Димовска. Она што е сигурно е дека сите делови од настапот гледани заедно – иако поединечно секој од нив можеби и бил добар – не функционираа како една целина.

Да се надеваме дека во скора иднина еднаш искрено ќе се израдуваме на добар пласман. Но, за почеток, ни треба еден квалитетен курс за водење (евровизиски) проекти од почетокот до крајот, ако веќе немаме подготвен кадар што го има тоа во малиот прст. Во спротивно, карванот ќе продолжи да си врви, но, за жал, – без нас.
Во Македонија има доволно потенцијал и талент да се осмисли комплетен евровизиски пакет. Проблемот е што тој потенцијал никако некој да го собере на едно место и да го стокми тој проект од почетокот до крајот, со време. Два-три месеци пред настанот не се доволни. Евровизијата, ако веќе се учествува на неа, треба да биде едногодишен проект.

Мотото на годинашното европско музичко натпреварување е „Тргнуваме“. Второто евровизиско полуфинале е вечерва, а финалната вечер ќе се одржи в сабота, 10 мај, кога ќе ги слушне и песните на земјата-домаќин – Португалија и на претставниците на големата „петорка“ – Германија, Франција, Шпанија, Италија и Велика Британија. Водителки на годинашниот избор се: Филомена Каутела, Силвија Алберто, Катарина Фуртадо и холивудската актерка Даниела Руа.


Промената на гардеробата непотребна

Промената на гардероба насред песна никој не ја разбира, а уште повеќе што втората, според реакциите беше полоша. Од настапот, сите го паметат само движењето со раката што Марија го прави при пеење на рефренот, кое, меѓу другото, евровизиските обожаватели го прифатија како своевиден заштитен знак на песната – со него дури и нè поздравуваат овде. За придружните вокали оцената е дека биле премногу темно облечени и поради тоа се „изгубиле на сцената“. За песната никој нема забелешки, напротив. На повеќемината песната и придружното видео им биле во топ 10 од сите што се во конкуренција од двете полуфиналиња – пред да го видат настапот.