Предложените планови за 2021 година се насочени кон добивање поконкурентни трки, болидите да можат од поблиску да се следат еден со друг, овозможувајќи повеќе престигнувања, а има идеи и за ставање поголем акцент на возачот, со отстранување на некои технички помагала
Формула 1 објави детали за предложените планови за подобрување на трките со новите прописи за 2021 година, кои треба да бидат официјално потврдени во октомври, пишува британскиот „Гардијан“. Рос Браун, спортскиот директор на Ф1, ја предводеше потрагата по начините за повторно „откривање“ на овој спорт.
Ф1 ги откри категориите на кои работи – поконкурентни автомобили и стартни линии, обезбедување атрактивни болиди и финансиски одржлив шампионат. Од најголем интерес за навивачите и за возачите долго време е автомобилите да можат од поблиску да се следат еден со друг, овозможувајќи повеќе престигнување, потенцијално без помош од системот за намалување на отпорот (ДРС). Луис Хамилтон е меѓу оние што ги повика Ф1 и ФИА да ги наметнат своите предлози, без да им дозволат на тимовите да имаат збор.
Признавајќи дека навивачите сакале да гледаат естетски пријатни автомобили, ФИА и Ф1 ќе работат со автомобилски стилист за да се обидат да обезбедат атрактивен дизајн во рамките на прописите.
На неодамнешните две трки во Австрија и во Велика Британија беа видени врвни трки, при што возачите истакнуваа дека конфигурацијата на патеката е таа што натпреварите ги направи поконкурентни, па има барање за анализа на патеките за да се спроведе новата филозофија за тоа што треба да го направи Ф1 во иднина со патеките.
Во потрагата по поконкурентна трки, Браун рекол дека аеродинамичните прописи ќе бидат попрецизни, а ќе се обидат да се стави поголем акцент на возачот, со отстранување на некои технички помагала, намалување на т.н. телеметрија и со предлог возачите да управуваат со гумите и со загревањето, наместо да се потпираат на инструкциите од инженерите.
Ф1 веќе се согласи да воведе ограничување на трошоците од 175 милиони долари за 2021 година, но сега, исто така, се предлага наметнување на некои стандардизирани делови за понатамошно намалување на трошоците.