Московскиот суд го прифати барањето на истражителите за продолжување на притворот на шестмина од 24-те украински морнари уапсени за време на инцидентот во Керчката теснина, пренесе „Тасс“.
Судот објави дека во блиска иднина ќе ги разгледа и барањата за останатите украински морнари.
Инцидентот се случи на 25 ноември кога руската армија отвори оган врз три украински воени бродови, кои се обиделе да минат низ Керчката теснина. По вооружениот инцидент, руските сили ги задржаа украинските бродови заедно со членовите на нивните екипажи.
Украина ја обвини Русија за воена агресија, тврдејќи дека руската постапка е во спротивност со меѓународното право и со конвенциите на ОН за поморско право.
Москва, меѓутоа, смета дека нејзините сили дејствувале во согласност со меѓународното право и домашното законодавство.