Компаниите предлагаат определување една надлежна институција за обезбедување финансиска и логистичка поддршка на претпријатијата што настапуваат на саемите, за олеснување на процедурите за аплицирање за поддршка и намалување на административниот товар на фирмите
Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија иницира промена на моделот на поддршка на домашните компании за промовирање на извозот при учество на саеми и на други промотивни настани.
– По спроведена анкета меѓу членките, клубот утврди дека е неопходно да се промени постојниот модел, бидејќи сега поддршката се реализира преку четири извори. И тоа преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во делот на финансиска поддршка за освојување нови пазари и пораст на продажбата преку кој право на поддршка имаат сите компании што имаат инвестициски проект за почетна инвестиција во производство, без оглед на доминантната дејност на компанијата, во износ од 20 отсто од оправданите трошоци за освојување нови пазари, но не повеќе од 30.000 евра – информира Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.
Таа дополни дека поддршка може да се бара и од програмата за конкурентност на иновации и претприемаштво од Министерството за економија, за микро, мали и средни претпријатија за учество на домашни, регионални и меѓународни саеми, до максимум 2.000 евра за претпријатија од преработувачката индустрија.
Поддршка за земјоделството и прехранбениот сектор се обезбедува преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
– Вака фрагментираниот систем претпоставува и различни административни постапки за остварување на поддршката, како и неможност за подолгорочно планирање од страна на компаниите на активностите поврзани со нивните настапи на странските пазари. За зголемување на ефектите системот треба да се реформира по неколку основи – посочи Глигор Цветанов, претседател на Клубот на извозници.
Тие предлагаат определување на една надлежна институција за обезбедување финансиска и логистичка поддршка на претпријатијата што настапуваат на саемите, за олеснување на процедурите за аплицирање за поддршка и намалување на административниот товар на фирмите. Предлагаат и планирање на саемите на кои ќе се настапува најмалку три години однапред, бидејќи за учество на светски реномираните саеми и за квалитетна локација на штанд на овие манифестации е потребно да се резервира изложбен простор една година однапред.
– Редефинирање на моделот на заедничко изложување на меѓународни саеми и на концептот „национален штанд“, како од аспект на дизајнот, атрактивноста и квалитетот, така и од аспект на локациската поставеност. Истото тоа значи да се исклучи критериумот најниска цена. Потребно е на одредени саеми на кои се промовираат производи од различни дејности под името на земјата да се овозможат посебни изложбени простори во различни хали, соодветно на дејноста на која припаѓа изложувачот, и да се исклучи опцијата на заеднички национален штанд – појаснува Цветанов.
Според нив, ефектите од вложените средства на овој начин ќе резултираат со зголемен интерес за настап на компаниите на странски пазари, што истовремено претставува основа за нови бизнис-зделки и зголемен извоз доколку пазарите и саемите на кои се настапува се правилен избор.
Заменик-претседателот на Клубот на извозници, Горан Антевски, информира за резултатите од спроведената анкета меѓу фирмите-членки за нивниот интерес за настап на светските саемски манифестации. Како што посочи, фирмите во пет индустриски гранки, металната и електроиндустријата, прехранбениот сектор, текстилната, чевларската и индустријата за хартија иницираат учество на 35 саеми на кои имаат интерес да настапат како изложувачи.
– Турција покрива 50 отсто од трошоците за учество на саеми и затоа тие се најголеми на саемите и секаде се присутни, затоа и нивната економија расте. Ние бараме барем дел од тие средства да се покријат, дали за штандот или за просторот, затоа што посета на еден саем од мојата бранша (електрика и машинство) е минимум од 25 до 30 илјади евра за помал штанд – вели Антевски.
Саемското преставување е еден од клучните начини на промоција на производствената програма и воспоставување нови партнерства и можност за пласман на производи на нови пазари и зголемување на присуството на постојните. Како што информираа првите луѓе на клубот, од особено значење е континуираниот настап на саемите, бидејќи дури по неколку години традиционално присуство, потенцијалните купувачи изразуваат интерес за соработка.
За периодот јануари – мај 2019, вкупниот обем на трговска размена на нашата земја со светот изнесува 6,87 милијарди долари. Европската Унија и натаму останува наш најзначаен трговски партнер, каде што се реализира повеќе од 75 отсто од извозот.