Фудбалската легенда Андреа Пирло ќе стане помошен тренер во италијанската репрезентација, откако Роберто Манчини ќе биде назначен за селектор.
Како што наведуваат италијанските медиуми, се поизвесно е дека Манчини наскоро ќе ја преземе репрезентацијата на Италија.
Според весникот „Газета дела спорт“, Пирло ќе биде назначен за помошник на Манчини со цел заедно да ја вратат поранешната слава на италијанската репрезентација.
– Би сакал да работам за репрезентацијата, националниот дрес за мене беше втора кожа. Мораме да започнеме нова фаза, истакна Пирло.
Засега Фудбалската федерација на Италија не ги демантира, ниту, пак, ги потврдува овие гласини во италијанските медиуми.
Италија првпат по 60 години не се квалификуваше на Светското првенство, откако неочекувано беше елиминирана од Шведска.