Рускиот државјанин обвинет за борба за милитантната група Исламска држава против сириските владини сили беше уапсен во Албанија и ќе биде екстрадиран во Русија, објави денес албанската полиција.
Полицијата соопшти дека 34-годишниот маж, идентификуван како Р.М. кој е роден и живее во Норилск во Русија, влегол во Албанија илегално, откако судот во руската Чеченска Република донесе пресуда во април 2015 година тој да биде уапсен поради тоа што е дел од терористичката група.
– Во јуни 2013 година, овој граѓанин ја напушти Русија и замина во Сирија, се приклучи на нелегалната вооружена група наречена Исламска држава и беше активен учесник во борбата против владините сили во Сирија – се вели во соопштението на полицијата.
Во соопштението се додава и дека албанската антитерористичка единица неколку месеци се обидувала да го лоцира и идентификува овој руски државјанин, кој е баран од страна на Интерпол.