Градинката „11 Октомври“ во населбата Радишани ќе добие сензорна соба. Во неа ќе се третираат деца со развојни нарушувања и аутизам, а со нив ќе работи стручен тим, составен од дефектолог, педагог, психолог, логопед и воспитувачи. Сензорната соба ќе ја отвори градот Скопје, во соработка со општината Бутел. На овој начин ќе се подобри и квалитетот на живот на децата и нивните семејства.
Сензорната соба ќе биде со површина од над 60 квадратни метри, со адаптиран тоалет за лица со попречености и одвоен влез од влезот што се користи вообичаено. Услугите во сензорната соба ќе може да ги користат децата од територијата на општината Бутел. Работата со децата ќе се изведува преку индивидуален пристап, а дневно ќе може да се опфатат 10-12 дечиња. Во собата за сензорна интеграција се предвидува и примена на музикотерапија. Раниот и предучилиштен период е клучен за развој на сензорната интеграција.
– Собата ќе биде опремена со меки подови и ѕидови, интерактивна туба со вода, топчиња и меурчиња што пливаат, ротирачка дискотопка, сноп од светлечки оптички влакна, рефлектор, огледални фолии што го зголемуваат ефектот на целата преостаната опрема. Исто така ќе има аеросол-ароми за аромотерапија, вибрациска музичка фотелја, подлога во вид на перница, УВ-ламба, кружен балансер со масажер и други елементи што треба да ги задоволуваат светските норми и стандарди за квалитет – информираат од градот Скопје.
За опремувањето на сензорната соба од буџетот се издвоени 700.000 денари. Од градот велат дека одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу градот Скопје и општината Бутел за финансиско учество за опремување сензорна соба ќе биде на дневен ред на наредната седница на градскиот совет.