Железничкиот сообраќај на Коридорот 10 по отстранувањето на вагоните кои излетаа од пругите пред четири дена е нормализиран.
Екипите на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија соопштија дека по остранувањето на вагоните биле максимално мобилизирани и работеле до утринските часови со што во целост ја санирале пругата и ја оспособиле за нормално одвивање на железничкиот сообраќај.
Надлежните синоќа соопштија дека единаесетте вагони од товарниот воз биле отстранети од пругата, а котурите тешки од 25 до 27 тони се тргнати покрај локалниот пат. Заменик генералниот директор на МЖ АД Транспорт, Коста Чикос, вчера изјави дека штетата на вагоните е огромна и сите вагони се оштетени бидејќи при пролизгувањето доаѓало до набивање еден на друг. Тој истакна дека еден од ваквиот тип на вагони чини од 80 до 100.000 евра и оцени дека несреќа од вакви размери се нема случено во последните дваесетина години во Македонски железници.
Вагоните од товарниот воз излетаа од пругите во вторникот кај кумановско Черкезе. МВР тогаш информираше дека повредeни нема и била причинета само материјална штета. Товарниот воз сообраќал на релација железничка станица Табановце – железничка станица Трубарево.