Во полуфиналето Бразил ја совлада Аргентина со 2-0 и во неделното финале на „Маракана“ за деветтата титула ќе игра со Чиле или со Перу. Бразилците ја освојувале титулата на сите четири завршни турнири на кои претходно биле домаќини

Бразил без Нејмар ја совлада Аргентина предводена од Лионел Меси во полуфиналето на фудбалското првенство на Јужна Америка, познато како Копа Америка, пред своите навивачи во Бело Хоризонте со 2-0 (стрелци Габриел Жесус во 19-та минута и Роберто Фирмино во 71-та). Така, Бразил во неделното финале на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро ќе игра со Чиле или со Перу (ноќеска играа меѓу себе во второто полуфинале) за првата титула по 2007 година, а вкупно деветта. Бразилците ја освојувале шампионската титула на сите четири завршни турнири на кои претходно биле домаќини, во 1919, 1922, 1949 и во 1989 година. Преостанатите четири трофеи Бразил ги освои во 1997, 1999, 2004 и 2007.

Меси, според многумина најдобриот фудбалер на светот, кој во дресот на Барселона има освоено 29 трофеи, со Аргентина нема освоено ниту еден сениорски, ако се изземе златниот олимписки медал од Пекинг од 2008 година. На Копа Америка тој не одигра на нивото што се очекуваше од него, не постигна ниту еден гол од игра (само од пенал) и немаше ниту една асистенција. Следна шанса за Меси (32) да освои една титула ќе биде на Копа Америка веќе в година, на која домаќини ќе бидат Аргентина и Колумбија.

По мечот со Бразил, Меси и Серхио Агуеро имаа многу забелешки на судиите.
– Судиите во текот на целиот меч беа на нивна страна, а судеа на наша штета. Во една ситуација кога требаше да досудат пенал за нас тие не сакаа ниту да ја прегледаат повторената снимка и да се консултираат со колегите од ВАР – изјави Меси по мечот. 


Од април мирува мрежата на Бекер

Меѓу најзаслужните за триумфот на Бразил во полуфиналето на Копа Америка против Аргентина можат да се издвојат неколку фудбалери. Центарфорот Жезус, кој постигна еден гол (прв за Бразил во завршница на некое големо натпреварување) и асистираше при постигнувањето на вториот, на Фирмино. Покрај него за истакнување е и Дени Алвес (32), еден од најдобрите во одбраната, како и голманот Алисон Бекер, кој нема примено гол на девет меча едноподруго, во дресот на Ливерпул и на Бразил. Последен пат тој ја вадеше топката од мрежата на мечот од англиската Премиер-лигата во април (Њукасл – Ливерпул 2-3). Во меѓувреме тој беше прогласен за најдобар голман во Премиер-лигата, ја освои титулата првак на Европа со Ливерпул и сега е пред освојување нова титула, првак на Јужна Америка со Бразил.