Во финалето на ЕП, Шпанија ја совлада Германија со 2-1, со што ѝ се реваншира за поразот на ЕП 2017 и ја освои петтата младинска титула. Најдобар фудбалер на турнирот е Руиз од Наполи, а МВП на финалето е Олмо од Динамо Загреб

Шпанија е европски првак за фудбалери до 21 година, по триумфот над Германија во финалето на Европско првенство (ЕП) во Удине, Италија, со 2-1. Со тоа Шпанците се реваншираа за поразот во финалето на минатото ЕП, во 2017-та, во Краков, Полска (0-1).

За Шпанија ова е петта европска младинска титула (претходно и во 1986, 1998, 2011 и во 2013 година), колку што има и Италија (1992, 1994, 1996, 2000, 2004), по рекордното осмо финале во оваа конкуренција. Шпанија и Германија беа најдобри на пет од последните шест ЕП (од другите, Шведска беше шампион во 2015 година).

За најдобар фудбалер на турнирот беше прогласен Шпанецот Фабијан Руиз, кој настапува за Наполи. Признанието за МВП-играч на финалето го доби Дани Олмо, фудбалер на Динамо Загреб, стрелецот на вториот гол, со прекрасен лоб-удар.

На ова ЕП беа постигнати рекордни 78 гола на 21 натпревар (3,71 по меч), а најдобар стрелец е Германецот Лука Валдшмит со седум постигнати гола, со што го израмни рекордот на шампионатите што десет години го држеше Маркус Берг од Шведска.

Славниот италијански фудбалер Андреа Пирло (има одиграно 116 натпревари во синиот дрес) беше амбасадор на ЕП 2019. Своевремено тој во 2000 година ја освои европската титула во оваа конкуренција, беше прогласен за најдобар фудбалер, а беше и најдобар стрелец на турнирот, со три гола.

Во најдобриот состав на ЕП 2019 се следните 11 играчи: Антонио Сивера (Шпанија) – Кристијан Манеа (Романија), Дајо Упамекано (Франција), Џонатан Тах (Германија), Бенџамин Хенрих (Германија) – Фабијан Руиз (Шпанија), Махмуд Дауд (Германија), Дани Себалос (Шпанија) – Дани Олмо (Шпанија), Лука Валдшмит (Германија), Федерико Киеза (Италија).

Европските првенства се играат од 1972 година. Домаќин на следното се Унгарија и Словенија, во 2021 година, и на тоа првпат ќе настапат 16 репрезентации (досега играа по 12). Македонија на ЕП дебитира во 2017 година, а за новиот циклус игра во квалификациите во групата 6, заедно со Шпанија, Казахстан, Израел, Црна Гора и со Фарските Острови. Покрај домаќините, на ЕП директно ќе се пласираат победниците на деветте групи и најдобрата второпласирана селекција. Преостанатите осум второпласирани ќе играат за уште четири места на првенството. 


ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ
Шпанија 5
Италија 5
Германија 2
Англија 2
Холандија 2
Русија 2
Франција 1
СФРЈ 1
Шведска 1
Чешка 1