Четири дена пред опозицискиот лидер Хуан Гваидо да го покрене воениот пуч во обидот за соборување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, тој се обрати на неговите поддржувачи на митинг надвор од главниот град Каракас, тврдејќи дека наредните неколку денови ќе бидат одлучни за нивната судбина, пренесува „Ројтерс“.
Гваидо го заврши неговото обраќање со тврдењето дека се на вистинскиот пат за да стават крај на 20-годишното владеење на социјалистите.
Но, следбениците на Гваидо почнаа брзо да го губат ентузијазмот по бунтот на 30 април, откако војската и политичарите му останаа лојални на Мадуро. Токму затоа, многумина во Венецуела веќе не се убедени во успехот на Гваидо.
Луѓето добија трошка надеж откако Гваидо се појави на видео објавено на Твитер придружен со воени офицери, изјавувајќи дека конечно дојде време да се кренат против Мадуро.
Анкетите покажуваат дека граѓаните на Венецуела се фрустрирани од бавното одвивање на промените во земјата, како и од тешкотиите на секојдневниот живот. Голем број од нив изгубија надеж дека Гваидо може да го победи Мадуро.
– Мислевме дека конечно е дојдено времето да си ја вратиме земјата назад. Сега сме разочарани – велат голем дел од граѓаните.
Според аналитичарите, најверојатен исход сега претставува продолжувањето на статусот кво, додека Мадуро стекнува доверба дека неговите остри мерки против опозицијата ќе останат неказнети. Гваидо пак, бара нови начини да ја одржи надежта за промени кај изморената јавност.
Гваидо беше поддржан како привремен претседател од страна на САД, кои истовремено наметнаа и санкции на венецуелската индустрија за нафта, со цел да го истиснат Мадуро од позицијата на моќ.
Мадуро, кој дојде на власт во 2013 година, беше заслужен за економскиот колапс на некогаш богатата земја, а ги остави граѓаните во тешка ситуација без струја, вода, храна и лекови. Поради тоа, околу четири милиони луѓе од Венецуела решија да ја напуштат земјата, а се верува дека бројката дупло ќе се зголеми до крајот на 2020 година.
Но, замавот што го имаше Гваидо полека опадна по бунтот кој се случи на 30 април. Бројот на учесниците на говорите на Гваидо постојано опаѓа, а опозицијата не одржала поголем протест оттогаш. Протестот закажан за петок ќе биде тест кој ќе пресуди колкава поддршка ужива Гваидо. Јон Голочеа, член на политичкиот тим на Гваидо, признава дека нивните поддржувачите се изморени.
– Треба да се бориме против демобилизацијата и очајот. Мораме да останеме достојни во нашата поддршка и да бидеме трпеливи – изјави тој.
Со цел да ги мотивира своите приврзаници, Гваидо патуваше во 11 од 23-те области, а планира да посети уште пет. Но, според Рафаел Мора, доктор и поддржувач на Гваидо, многумина од граѓаните сакаат да видат промена во земјата веднаш, без претходно да работат за да се случи самата промена.
– Не можеме да ја оставиме целата одговорност во рацете на еден човек, на лидерот – изјави Мора, кој се сретна со Гваидо во мај.
Бројките за поддршката на Гваидо исто така опаѓаат. Од февруари до мај поддршката од 61 отсто опадна на 56 отсто. Друга анкета покажува дека процентуално само 36 отсто од граѓаните на Венецуела го признаваат Гваидо како легитимен претседател на земјата, за разлика од бројката од 49 отсто во февруари.
Откако се случи априлскиот бунт, владата на Мадуро почна да ги разбива поддржувачите на Гваидо без значителна осуда од меѓународната заедница. Врховниот суд обвини 14 пратеници на опозицијата за предавство и заговор, поради што повеќето од нив беа принудени да заминат од земјата или да се засолнат во странските амбасади во Каракас.
Затоа, изморените граѓани неколкупати бараа од Гваидо да ја промени неговата стратегија, како и да побара воена помош од САД.
– Не можеме да се ослободиме од Мадуро со гласање. Мора да биде на насилен начин – вели Хуан Пара, 67-годишен учител од Мерида.
Наместо надежта да ја гледаат во претседателски избори кои треба да се одржат годинава, поддршката за воена интервенција од страна на САД изразија 12 отсто од испитаниците.
– Верував дека Гваидо може да ја промени ситуацијата. Но, со оглед на тоа што илјадници луѓе ја напуштаат земјата секоја недела, а Гваидо не е организиран и нема план Б, навистина би било тешко да се остане во Венецуела – изјави Андрами Лаја додека чека на граничен премин за влез во Перу.