Во нашата редакција деновиве стигна голем бел плик, а во него имаше пријатно изненадување, диплома од „Малиот битолски Монмартр“ за „Нова Македонија“ и „Колибри“ за успешната соработка во оваа, но и во текот на сите изминати години.
Чест е да се пишува за манифестација што го прослави името на нашата земја низ светот, а на многу ликовни таленти од голем број држави им даде шанса да покажат што можат да направат со својот талент, четкичка и палета.
На детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола му посакуваме и во иднина да ги прескокнува сите пречки и да продолжи да организира манифестации, кои се вистински празник на детската креативност, а на неуморниот Коста Хаџиантоновски, творецот на „Малиот битолски Монмартр“, му посакуваме добро здравје и сили да ја продолжи својата мисија.
Се разбира, ние ќе бидеме тука за да ги забележиме на нашите страници сите нивни успеси и награди.