Во полуфиналните дуели на ЕП за фудбалери до 21 година, Германија беше подобра од Романија (4-2), а Шпанија од Франција (4-1). Овие две селекции играа во финалето и на ЕП 2017, во уште четири финалиња на ЕП за други млади категории, како и еднаш во меч за сениорската европска титула
Германија и Шпанија ќе играат во утрешното финале на 22-то Европско првенство (ЕП) за фудбалери до 21 година, во Удине, Италија. Ова ќе биде реприза на финалето од минатото ЕП, во 2017 година во Полска во кое Германија забележа победа од 1-0, на мечот што се одигра на 30 јуни. На тоа ЕП првпат настапи и репрезентацијата на Македонија.
Во полуфиналните дуели Германија беше подобра од Романија, со 4-2, а Шпанија од Франција, со 4-1. За Шпанците ова ќе биде четврто финале на последните пет ЕП. Тие ќе играат за петтата шампионска титула (славеа во 1986, 1998, 2011 и во 2013 година), колку што има Италија, а Германците за третата (2009 и 2017-та).
Капитен на Шпанија е Дани Себалос, играчот на Реал Мадрид, кој на минатото ЕП 2017 беше прогласен за најдобар играч на турнирот. Покрај него, од составот од пред две години има уште неколкумина играчи, како Микел Ојарзабал, Хезус Валјехо, Хорхе Мере, Карлос Солер итн. Германскиот состав предводен повторно од селекторот Штефан Кунц, е речиси комплетно нов, односно го има само Махмуд Дахуд, кој беше член на составот од пред две години.
Завршницата на ЕП до 21 година е вистински саем на млади, талентирани и сѐ уште неафирмирани играчи, па затоа на трибините има голем број скаути на најдобрите европски клубови. Многу славни и трофејни фудбалери биле дел од селекциите освојувачи на титулата во оваа категорија и биле прогласувани за најдобри на завршниот турнир. Меѓу другите тоа се Италијанците, Фабио Канаваро (1996) и Андреа Пирло (2000), Шпанците Хуан Мата (2011) и Тијаго Алкантара (2013), Холанѓанецот Ројстон Дренте (2007), Петр Чех (2002) итн.
Шпанија и Германија досега се сретнале во пет финалиња на младински европски првенства за фудбалери до 16, 18, 19 и 21 година, како и во еден меч за континенталната титула во сениорска конкуренција (ЕП 2008).