Она што ќе остане кажано и запишано на хартија останува трајно архивирано, додека изјавите дадени на Фејсбук или на Твитер за брзо време се потиснуваат со нови објави и потешко се паметат. Уште повеќе, разликата меѓу искажаниот и напишаниот збор во класичните медиуми и на социјалните мрежи е голема, бидејќи она што е проследено во весниците, по правило, е стандард на професионалниот ангажман на новинарите, кои веродостојно собираат, пренесуваат, коментираат и анализираат информации и ги опишуваат настаните
На почетокот многумина социјалните мрежи ги гледаа како некој вид „антички форум на современата демократија“, на кои граѓаните ќе можат непречено да комуницираат или разменуваат ставови. Исто така, очекувано беше социјалните мрежи да станат своевиден „полигон“ што ќе го замени и ќе го направи поефикасен методот на политички кампањи наречен „врата до врата“. Така, политичарите масовно почнаа да ги користат социјалните мрежи, на кои често ги соопштуваа своите ставови, одлуки, планови… Но злоупотребите што „ги отвори“ сајбер-просторот си го направија своето. Оттука, неминовно почна да се наметнува прашањето колкава е тежината на искажаниот збор на социјална мрежа наспроти изјавите дадени во традиционалните медиуми, како весниците и телевизијата.
Она што ќе остане кажано и запишано на хартија, на телевизија, останува трајно архивирано, додека изјавите дадени на Фејсбук или на Твитер за брзо време се потиснуваат со нови објави и потешко се паметат.
Згора на тоа, расправите по одредени ставови на социјалните мрежи често се несериозни и ја немаат потребната тежина, а некогаш се сведуваат дури и на ниво на разговор пред маалски гранап.
За разлика од интернет-просторот, дебатите и дискусиите во конвенционалните медиуми имаат своја тежина, пред сè затоа што се вклучени мислења на експерти, аналитичари и други познавачи на одредени состојби.
Пред извесно време заменик-министерот за образование Петар Атанасов исклучително невообичаено, токму преку Фејсбук (!?), му соопшти на премиерот Зоран Заев дека поднесува оставка. Во образложението за оставката тој наведе поголем број причини за ваквата одлука, посочувајќи дека не се спроведуваат реформите во образованието, нема соодветни кадри, не се дигитализираат училиштата, како и тоа дека нема доволен број луѓе на позициите од каде што треба да тргне реформата.
Заев, и покрај редицата изнесени сериозни обвинувања за сметка на состојбите во образованието, кратко но јавно и директно во јавноста (се разбира преку веродостојните класични медиуми) му даде одговор на Атанасов. На тој начин не остави простор за шпекулации или преписки на социјалните мрежи, кои не се ниту место ниту медиум за официјална комуникација.
Токму од ова може да се забележи дека политичарите секогаш кога ќе биде изречен некаков негативен став кон нив на социјалните мрежи тоа го сметаат како личен став, не придавајќи му поголемо значење, со што на некој начин сакаат да ги релативизираат состојбите.
– Ретко ги следам политичарите на социјалните мрежи. Обично прегледувам преку агрегаторите за вестите што ме интересираат или ќе погледнам некоја дебатна емисија на телевизија. Тоа ми е порелевантно, додека на Фејсбук и Твитер веќе не сум сигурен кој сè пишува, дали нечиј профил е хакиран, па дали е веста точна или лажна… Понекогаш ги посетувам и интернет-страниците на печатените медиуми, оти таму може да се прочита некоја интересна статија – вели Мартин Јанковски, компјутерски техничар.
Тој додава дека социјалните мрежи повеќе ги доживува како место за забава и дружење, отколку за вести.
– Отворам Фејсбук за да се слушнам со пријателите, од кои голем дел ми се во странство, да размениме некоја фотографија, да се пошегуваме за нешто… Истото тоа го правам и на Твитер, таму ми се најзабавни досетливите твитови инспирирани од разни случувања, особено оние хумористичните – смета Јанковски.
Комуниколозите истакнуваат дека политичарите ја препознале новата реалност со социјалните мрежи, но дека изјавите дадени таму како да ја немаат потребната официјалност.
– Изјавите на социјалните медиуми ми изгледаат како муабет во едно маало, некој нешто кажал, едни слушнале, други не. Ми се чини дека така дадената информација како да ја нема потребната официјалност.
Згора на тоа, ќе се надоврзат и разновидни коментари, па човек, сакал-нејќел, и ќе се насмее. Но ако истата изјава се даде на телевизија или во весник, тогаш таа има некоја друга тежина – смета професорот и социолог Илија Ацевски.
Тој додава дека социјалните мрежи се претворени во еден вид забавиште, каде што недостига персоналност.
– Таму се одвива еден вид комуникација во која недостига персоналност. Профил може да отвори кој било и под тоа име можат да се креираат уште 100 други профили и буквално да не се знае кој е вистинскиот. Во еден момент личноста може да си разговара самата со себе – истакнува Ацевски.
Без оглед на популарноста на социјалните медиуми, огромниот број корисници, достапноста секаде и во секој момент, очигледно е дека весниците и телевизиите ќе останат единствените во кои информацијата ќе остане трајно забележана, а дискусиите што потоа ќе се развијат ќе бидат само потврда за вистинската тежина на кажаниот збор, но и за вредноста на новинарството воопшто.