Албанскиот претседател, Илир Мета, вчера оствари средба со лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, со кого разговараше за актуелната криза низ која минува земјата, пред одржувањето на локалните избори, кои се закажани за 30 јуни. Албанскиот премиер Еди Рама одби да се сретне со претседателот на државата и го обвини дека „станал лидер на опозицијата“.
– Секаков обид да се објави нов датум за одржување на локалните избори е еднаков на нула – изјави Рама.
Советот на Европа ја откажа својата набљудувачка мисија за локалните избори во Албанија поради безбедносните закани и нејаснотијата околу организирањето на изборите.
Станува збор за набљудувачка мисија, која требаше да го следи изборниот процес на 30 јуни во кој албанската опозиција не учествува, а албанскиот претседател Илир Мета пред две недели донесе одлука за одложување на изборите поради длабоката политичка криза во земјата.
– Одлуката за откажување на мисијата ја усвои Конгресот на регионални и локални власти на Советот на Европа, во согласност со правилата, поради постојаната несигурност околу организирањето на локалните избори во Албанија на 30 јуни и поради можните безбедносни ризици во одредени области – се наведува во соопштението на СЕ.
Советот на Европа ја усвои одлуката во момент на исклучителна поларизација на политичката криза во Албанија, во услови кога опозицијата е надвор од парламентот, а албанската влада е категорична дека ќе ги спроведе изборите, иако во 35 од 61 општина во земјата во трката за градоначалници учествуваат само кандидати на владејачката коалиција предводена од Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама.
Албанската опозиција ги напушти државните институции и неколку месеци протестира на улиците во градовите, со барање за оставка на премиерот Еди Рама, формирање преодна влада и за распишување општи избори.