Од јули треба да се намалат цените на услугите за роаминг меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ. Намалувањето во јули се очекува да биде за 27 проценти, а од јули 2021 година да биде целосно укинат.
Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април годинава во Белград, во рамките на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан.
Регулаторите и телекомуникациските оператори до 1 јули треба да подготват акциски план и мапа за претстојните активности, со прецизирање кој ден што ќе почне.
Според податоците на СРС, оперативно тело на земјите од процесот за соработка во Југоисточна Европа, повеќе од 76 проценти од граѓаните на Југоисточна Европа (ЈИЕ) се корисници на интернет, додека 40 проценти од нив ги користат сите апликации на социјалните мрежи на мобилните телефони, а повеќето се млади луѓе. Седумдесет отсто од стопанствениците од Југоисточна Европа сметаат дека укинувањето на цените на роамингот ќе им помогне во поттикнување на трговијата. Повеќе од 12 милиони туристи минатата година дошле во Западен Балкан и сите биле загрижени поради цената на роамингот.
Од 1 јули 2017 година, Македонците зборуваат поевтино кога патуваат во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, откако стапи во сила третото намалување на цените на роаминг-услугите во согласност со договорот меѓу четирите држави од 2014 година.
Кон регионалната иницијатива се приклучија и Албанија и Косово.
За разлика од земјите од Западен Балкан, летово за роаминг во Грција нема да плаќаме помалку, иако ресорните министри од Македонија и Грција пред четири месеци потпишаа меморандум со кој требаше да поевтини роамингот меѓу двете држави.
Поради изборите во Грција процесот е закочен, додека, според надлежните, во Македонија веќе се направени потребните законски измени.
Поевтинувањето е дел од стратегијата за изедначување на цените со тие во Европската Унија, каде што услугите за роаминг не се наплаќаат повеќе отколку во матичната држава.