Поголемиот број од годинашните кампери на Металург се од генерацијата 2006/2007, кои од септември ќе почнат нова авантура во своите ракометни кариери – ќе се натпреваруваат во пионерската лига на РФМ

Најмладите ракометари и ракометарки на Металург ја одработуваат завршната фаза од 14-то издание на летниот камп на Металург, кој првпат се одржува на терените на хотелот „Десарет“ на брегот на Охридско Езеро. Како и секоја година, на летниот камп на Металург владее одлична работна атмосфера, а неуморните кампери се полни со енергија и за дружење, забава и разладување во водите на езерото во периодот помеѓу тренинзите и во вечерните часови.

Поголемиот број од годинашните кампери се од генерацијата 2006/2007, односно новата селекција најмлади пионери и пионерки што од септември ќе почнат нова авантура во своите ракометни кариери – ќе се натпреваруваат во рамките на пионерската лига на Ракометната федерација на Македонија. Иако идеалниот период за почнување со тренинг е седум-осумгодишна возраст, Ракометната школа на Металург е една од првите во регионот што работи и со деца од предучилишна возраст. Еден од нив е сега 13-годишниот Филип Николовски, кој веќе осум години е член на ракометната школа во Аеродром, Скопје, и за кого ова е четврти летен ракометен камп.

– Со нетрпение го очекував почетокот на летниот ракометен камп на Металург. Од секој камп се враќам побогат со нови знаења и искуства, кои многу ми користат во понатамошниот напредок, а спомените и пријателствата од дружењето и од забавите во кампот ќе ни бидат драгоцен спомен на кој со задоволство ќе се сеќаваме на секоја наша следна средба – вели Филип Николовски.
Седумгодишно тренинг-искуство има и 12-годишната Сара Марковска, која деновиве го одработува својот трет летен камп.

– Летниот камп на Металург за мене е најубавиот и највеселиот период од годината. За разлика од тренинзите во текот на годината во школите, тука работиме многу поинакви и поинтересни тренинзи, со кои стекнуваме драгоцено искуство, но и нови пријателства – вели Сара Марковска.
Според претходните искуства на камперите, годинашната тренинг-база, хотелот „Десарет“ во Охрид, ги има најдобрите услови за тренинг и за забава од сите досегашни кампови, а камперите годинава имаат одлична поддршка од партнерите на Академијата на Металург – „Цедевита“, „Виталија“, „Осигурување Македонија“, „Винер осигурување“, „Субрина професионал“ „Изворска вода“ и соковите и ладните чаеви на „Ладна – џуси“, кои се погрижија во ниту еден момент да не се почувствуваат жед и недостиг од енергија.

– Четврти пат сум дел од летниот ракометен камп на Металург и можам да кажам дека годинашниот ми е најомилен од сите претходни, пред сѐ поради тоа што имаме одлични услови за работа и за забава. Теренот е во кругот на хотелот, опкружен со дрвја, кои нѐ штитат од жешкото сонце, а на чекор ни е и езерото за разладување и за релаксација по напорните тренинзи. Како никогаш досега имаме одлична поддршка и од нашите спонзори – рече Дино Атанасовски, член на ракометната група на Металург во ОУ „Ѓоргија Пулевски“ во Аеродром. 


Металург ќе тренира на Копаоник, а потоа ќе игра на два силни турнира

Металург, под водство на новиот тренер Дамир Стојановиќ, ќе ги почне подготовките за новата ракометна сезона на 25 или на 26 јули. По еднонеделните подготовки во Скопје, тимот ќе замине за Копаоник (Србија), каде што од 6 до 12 август ќе ги одработи висинските и базичните подготовки. Во текот на подготовките победникот на Купот на Македонија ќе учествува и на два турнира, прво кај Чеховски Медведи, од 15 до 19 август, а потоа ќе настапи и во Кањижа, од 22 до 25 август. Последната етапа од подготовките пред почетокот на новата сезона тимот ќе ја одработи во Автокоманда. Металург првиот меч во новата сезона треба да го одигра во Суперкупот, со Вардар, а потоа е и дуелот од првото коло од Суперлигата, на 7/8 септември.