Грузија се наоѓа во хаос. Стотици луѓе беа повредени во протестите неделава, а претседателот на парламентот беше принуден да поднесе оставка. Политичка криза демне во Грузија, пренесува „Дојче веле“.
Последниве неколку години, парламентот на Грузија се најде во центарот на неколку значајни политички настани. Во 2003 година, неколкунеделните протести кулминираа со соборувањето на претседателот Едуард Шеварнадзе, што стана познато како „Револуцијата на розата“.
Повеќе од една деценија порано, во 1991 година, упадот во парламентот ја започна граѓанската војна која резултираше со отцепувањето на областите Јужна Осетија и Абхазија од Грузија. Денес, тие официјално се републики, но сѐ уште зависат од економската и воената поддршка на Русија за да опстојат.
Во 1989 година, 21 грузиски државјанин ги загубија животите откако советските трупи брутално го задушија митингот за независност. Поради сето ова, грузискиот парламент засекогаш е закитен со политички симболизам.
Говорот означен како провокација
Одлуката да му се дозволи на рускиот пратеник Сергеј Гаврилов да се обрати во парламентот на Грузија можеше само да потфрли. Гаврилов, сепак, е член на комунистичката партија и апологет за руската геополитичка експанзија.
Гаврилов е роден во Русија, но ја смета Грузија за своја татковина, што многу Грузијци го гледаат како провокација, а откако тој излезе на говорницата во грузискиот парламент, илјадници Грузијци излегоа на протести искажувајќи го нивното незадоволство.
Грузиските политички партии ретко се разликуваат меѓу себе, но тоа што прави разлика помеѓу нив, е ставот кој го имаат кон Русија. Дел од нив сакаат да одржуваат контакт со нивниот северен сосед, и покрај тоа што Русија окупира скоро една петтина од грузиската територија. Други партии пак, сметаат дека треба да се прекине со каков било контакт со Русија и да се свртат кон Европската Унија и кон НАТО.
Културното влијание како политичко влијание
Елитата која го опкружува рускиот претседател Владимир Путин има империјалистички начин на размислување. За нив не престанало политичко влијание и постојаниот надзор во поранешните советски републики, како и трансформирањето на културното влијание во политичко влијание, што им помага во нивната геополитичка борба за моќ.
Токму ваквиот империјалистички начин на размислување од страна на Русија ги загрижува Грузијците, кои се наклонети кон земјите на Западна Европа. Внатрешната нестабилност на Грузија претставува одраз на пошироката геополитичка борба за моќ во регионот, а протестите во Тбилиси имаат извесна поврзаност со зголемените тензии помеѓу САД и Иран во Заливот.