Од израелска приватна разузнавачка агенција се барало да најде валканици за американските дипломати што преговарале за иранскиот договор, за потоа САД да можат полесно да ги повлечат од него, тврди лондонски „Обзервер“

Помошници на американскиот претседател Доналд Трамп најмиле приватна израелска разузнавачка компанија да организира валкана кампања против клучните дипломати од администрацијата бившиот претседател на САД Барак Обама, кои учествувале во преговорите за нуклеарниот договор со Иран, тврди лондонски „Обзервер“.
Весникот наведува дека претставници на Трамп во мај 2017 година контактирале со израелски шпиони да ископаат инкриминирачки материјали за Бен Роудс, кој беше еден од главните советници за национална безбедност на Обама, и Колин Кал, заменик-помошник на Обама, како дел од обидот да се дискредитира иранскиот договор.
Овие откритија доаѓаат пред 12 мај, датум што Трамп го постави како краен рок до кога ќе одлучи дали да ги повлече САД од спогодбата со Иран.

Неименуваните извори на „Обзервер“ тврдат дека помошниците на Трамп контактирале со израелските разузнавачи само неколку дена откако американскиот претседател го посети Тел Авив минатата година, што беше неговата прва странска турнеја како потстанар на Белата куќа. Трамп тогаш му вети на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје и сугерираше дека Иранците „мислат дека можат да прават што сакаат“ по потпишувањето на нуклеарниот договор во 2015 година.

– Идејата беше луѓето што дејствуваат во име на Трамп да ги дискредитираат луѓето што беа клучни во преговорите за договорот, за потоа да биде полесно повлекувањето од него – тврди извор на весникот, кој е запознаен со деталите од валканата кампања
Според документите во кои „Обзервер“ имал увид, на израелските шпиони им било речено да бараат инкриминирачки материјали од приватниот живот и од политичките кариери на Роудс, поранешен заменик-советник за национална безбедност за стратегиски комуникации, и на Кал, советник за национална безбедност на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден. Меѓу другото, тие барале приватни врски, каква било вмешаност на лобисти што се пријателски настроени кон Иран или евентуална директна лична или политичка корист од договорот за нуклеарната програма на Техеран.

На иследниците, исто така, им било кажано да контактираат со истакнати Американци со иранско потекло, како и со новинари што го поддржале договорот од медиуми како „Њујорк тајмс“, Ем-ес-ен-би-си, „Атлантик“, „Вокс“ или од израелскиот весник „Хаарец“, кои имале чести контакти со Роудс и со Кал, во обид да утврдат дали тие прекршиле некакви протоколи при споделување чувствителни разузнавачки податоци со медиумите.

Изворите на „Обзервер“ потврдуваат дека е направен контакт и првичен план за напад меѓу претставниците на Трамп и претставниците на израелската разузнавачка компанија, сепак весникот нагласува дека е нејасно до каде стигнале операциите и дали е откриен инкриминирачки материјал. Исто така е нејасно дали операциите се само дел од пошироката соработка меѓу Трамп и Нетанјаху за да се поткопа иранскиот договор, или тие биле насочени и кон други високи функционери од САД.
Роудс и Кал велат дека не знаат дека се водела кампањата против нив.
– Не бев свесен за такво нешто, иако, за жал, не сум изненаден. Би рекол дека копањето валканици за некој што ги извршува своите професионални задачи на функции како претставник на Белата куќа е застрашувачки авторитарен подвиг – вели Роудс.

Портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа одби да ги коментира обвинувањата.
Како што посочува „Обзервер“, ова не е првпат тимот на Трамп да биде обвинет дека водел валкана кампања против ривалите. Специјалниот обвинител Роберт Милер, меѓу другото, истражува какви активности имал тимот на Трамп во обидите да ископа валкани материјали за противкандидатката Хилари Клинтон за време на претседателската кампања во 2016 година. Иследници особено ги интересира средбата на најстариот син на американскиот претседател, Доналд Трамп Џуниор, неговиот зет Џаред Кушнер, тогашниот шеф на изборната кампања, Пол Манафорт, со руски адвокат поврзан со Кремљ, кој ветувал дека ќе најде валкани податоци за Клинтон.


Рохани до САД: Не правете историска грешка

Иранскиот претседател Хасан Рохани го предупреди американскиот колега Доналд Трамп дека ќе направи „историска грешка“ ако одлучи да ги повлече САД од договорот за нуклеарната програма на Иран.
Рохани нагласи дека САД ќе „зажалат“ ако се повлечат од договорот, иако иранскиот претседател не посочи како Техеран ќе реагира ако Вашингтон се одлучи на таков чекор, пренесува „Ал џезира“.