Една година по потпишувањето на Преспанскиот договор, кој „Фајненшл тајмс“ го нарекува еден од ретките дипломатски успеси на Балканот, Европската Унија (ЕУ) уште еднаш ја одложи одлуката за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија за октомври, откако тоа го направи и минатата година.

– Одложувањето на одлуката за датумот претставува причина за големо жалење. Поставувањето на патот кон членството на овие земји е важно не само за одржување на замавот на реформи, но и за испраќање на порака во поширокиот регион, кој често е најнестабилен во Европа, дека вратите на ЕУ остануваат отворени – констатираат од „Фајненшл тајмс“.

И покрај незаинтересираноста за проширување на Унијата од поголемите членки како Германија, Холандија, па и Франција која е првенствено заинтересирана за внатрешни реформи и засилување на Еврозоната, многу членки сметаат дека договорот меѓу Македонија и Грција треба да биде награден. Иако Преспанскиот договор има силна меѓународна правна основа, тој често е критикуван и од значителен дел од Македонците и од Грците, а поддршката од ЕУ преку отворање на преговори со Скопје би значело негово зацврстување.

– Кризата на владата на албанскиот премиер Еди Рама и обвиненијата кон него можеби се и оправдување за отворање на преговори прво со Македонија. Но, временскиот јаз не треба да биде предолг, бидејќи би ги разгорел тензиите во Албанија и меѓу етничките Албанци во Македонија и Косово – констатираат од магазинот.

Квалитетот на демократијата и владеењето на правото во двете земји остануваат далеку зад стандардите на земјите од ЕУ. Сепак, започнувањето на пристапните преговори, кои секако би траеле повеќе години, е најдобар начин да продолжат реформите. Временската рамка нема да остане неограничено отворена. Затворањето на вратите на ЕУ ќе ги ослаби напорите на двете земји да ги достигнат европските стандарди на владеење и економски регулативи.

Покрај политичките, и економските причини за почеток на преговорите се многу силни. Трговијата меѓу Унијата и шесте земји од Западен Балкан достигна 54 милијарди евра минатата година, компаниите од ЕУ се најголеми инвеститори во регионот и достапноста до пошироките европски пазари би помогнала да се зголеми стандардот на живот во земјите, како и да се овозможи поголема стабилност.

Европските лидери повторно згрешија што го направија Балканот поле за меѓусебна борба. Од една страна го третираа регионот како неважно место за нивните главни грижи или како локација од која постабилните земји од Западна Европа целосно се изолирани. Веќе 200 години настаните покажуваат дека ваквите пристапи не функционираат, дури сосема спротивно, завршуваат со многу поголеми неволји. Би било трагично доколку ЕУ ги повтори истите грешки од минатото, завршуваат од „Фајненшл тајмс“.