Берлинските власти одлучија дека кириите за станови не смеат да се зголемат во наредните пет години со цел да го контролираат вртоглавиот пораст на цените на недвижностите во германската метропола.
Во последниве години е забележано зголемување на цените на становите и на кириите во сите германски градови, а особено во Берлин каде што годишно се доселуваат околу околу 50.000 нови жители. Во популарните населби како Кројцберг, месечна кирија за стан од 100 квадратни метри, без режиски трошоци, изнесува околу 1.300 евра.
Берлин, управуван од коалицијата на Социјалдемократите, Зелените и Левицата, е прв град кој ќе воведе ограничувања на станарината.
-Постигнат е договор за замрзнување на кириите во рок од пет години- рече сенаторката за градежништво во Берлин, Катрин Ломпшер.
Ограничувањето ќе се применува ретроактивно од 18 јуни, мерка која е јасно насочена кон спречување на наемниците да ги зголемат цените пред одлуката да стане закон, што најверојатно ќе се случи на почетокот од следната година.
Новото правило се однесува на околу 1,6 милиони станови на слободниот пазар, со исклучок на новите згради и станови субвенционирани од градот.
Новите станари нема да плаќаат повисока кирија од претходните, а сопствениците на станови кои нема да ја почитуваат мерката ќе се соочат со парична казна во висина од половина милион евра.
Сопствениците на станови најавија правни чекори против одлуката на властите во Берлин. Компанијата Deutsche Wohnen, која поседува повеќе од 110.000 станови само во Берлин, смета дека новото правило нема да го подобри пазарот за недвижнини во главниот град.