Францускиот бек има четири титули во НБА со Сан Антонио, по двапати бил најдобар кошаркар на Европа, најефикасен на ЕП и добитник на европскиот кошаркарски оскар, има една европска титула со Франција, трофеј за МВП на Европското првенство во 2013 година…
Тони Паркер (37), истакнатиот француски професионален кошаркар од Сан Антонио, реши да ѝ каже конечно збогум на играта под обрачите. Како син на професионален кошаркар, Паркер играше две години во француската национална лига пред да влезе во НБА, кон крајот на 2001 година. Тој беше избран од Сан Антонио како 28. т.н. пик на претсезонскиот избор на играчи во НБА и многу брзо стана нивниот клучен кошаркар, до заминувањето лани во Шарлот.
Паркер во кариерата освои четири титули во НБА (2003, 2005, 2007, 2014), сите со Сан Антонио, двапати бил најдобар кошаркар на Европа (2013 и 2014), двапати најефикасен на европските првенства (2011 и 2013), а двапати е добитник на европскиот кошаркарски оскар (2007 и 2013). Во 2007 година тој стана првиот европски кошаркар избран за МВП (најкорисен играч) на финалето. Играше на позицијата бек (висок е 188 см) и се карактеризираше со лесен, брз и ефикасен удар од далечина, како и пробивен влез под кошевите, а недофатлив за противниците.
– Со многу емоции се пензионирам од кошарката. Ова беше неверојатно патување. Ниту во сон не помислив дека ќе имам вакви неверојатни моменти во НБА и со репрезентацијата на Франција – ја пренесе Би-би-си изјавата на шесткратниот учесник на олстар-мечевите.
Паркер прво почнал да игра во домашната лига, на неполни 17 години, кога и дебитирал во Париз Расинг. Тоа лето во 2000 година бил повикан на традиционалниот дуел помеѓу младите светски и американски ѕвезди каде што постигнал 20 поени, а имал и седум асистенции. Она што го прави Паркер еден од најголемите европски кошаркари не е само кариерата во НБА, туку и репрезентативните успеси. За Франција играл на секое ЕП од 2001 до 2013 година, кога конечно се закити со злато на шампионатот во Словенија. Освоил и бронзи во Србија во 2005 година и во Франција во 2015-та, а и сребро во Литванија во 2011 година.