За да бидеме доследни, мора да признаеме дека ова безумие ќе го немаше ако немаа помош во новинарството, академијата, универзитетот, удбашките структури, во потомците на црвената буржоазија и денешната интелектуална бижутерија, сите до еден одработувачи на безумиево. Ама најбезумни сме ние што ја сакаме татковината неизмерно и не би дозволиле идентитетски геноцид преку промена на име, затоа што за сите овие години безумие, ништо не презедовме
Ете, повторно ни пристигна абер од Грција. Логично е тоа, за разлика од Грците, ние немаме развиено новинарство, аналитика, геостратегија. Еден век доцниме на ова поле зад остатокот од светот. Полтронството и зависта, тоа се наши врвни приоритети. Затоа, погубните по нас моменти најчесто ги дознаваме од други. Оти ние сме преокупирани со себеуништување. И каков абер ни пристигна? Октроираниот премиер Зоран Заев прифатил промена на името за севкупна употреба. Што е ова? Безумност ерга омнес.
Зошто е ова безумност? Па, зарем може да е нормално да се откажеш од сопственото име и идентитет, да го погребаш историското помнење на цел еден народ, само за да се напикаме во некакви унии и алијанси за кои поим немаме уште колку ќе опстанат? Таков чин не може да биде ништо друго освен безумност. Прашајте кого сакате и каде сакате, ама надвор од македонскава налудничава реалност. Претходните на власт ги слушавме како сами за себе велат дека се лудаци. Сегашниве толку се заслепени од блескањето на моќта што ги октроира што дури не ни забележуваат какво безумие шират.
Но ова антимакедонско безумно дејствување на Заев си има свој пат. Нема да биде фер ако му го припишеме безумието само нему. Затоа да си повториме како стигнавме до ова дереџе.
Безумност прва. Му припаѓа на Киро Глигоров. Тој е човекот што ни го начука ФИРОМ. Дали Глигоров го праша својот народ чиј лидер беше? Се разбира дека не го праша, сеедно што беше прв претседател на демократска Македонија, во неговите вени течеше расипаната комунистичка крв на оние што ги отфрлија идеалите на комунизмот и станаа црвена буржоазија за која народот беше обична смрдлива раја. А кога веќе ни го спопика ФИРОМ, логично беше што Грците преку тукашни министри му нудеа мито за еднаш засекогаш да нè ликвидира. Сеедно што стариот најверојатно се освести, верувам дека дури и затоа му го спакуваа атентатот, злото веќе беше посеано и лудилото можеше да продолжи.
Безумност втора. Се лепи на името Бранко Црвенковски. Овој скоевец преоблечен во демократ, стори неколку зла: промена на знамето, криминална приватизација и потпишување привремена спогодба. Промената на знамето беше надоврзување на ФИРОМ, им даде дополнителен ветер во грбот на Грците. Криминалната приватизација ја осакати економијата, стотици илјади луѓе останаа без работа на улица, а со очајници потоа лесно се манипулира. Со привремената спогодба нè заглави среде безумните преговори за наше обезличување. Потписот ставен од наша страна нè обврзуваше да бидеме учесници во идентитетскиот геноцид врз нас самите.
Зошто е ова безумност? Па, зарем може да е нормално да се откажеш од сопственото име и идентитет, да го погребаш историското помнење на цел еден народ, само за да се напикаме во некакви унии и алијанси за кои поим немаме уште колку ќе опстанат? Таков чин не може да биде ништо друго освен безумност. Прашајте кого сакате и каде сакате, ама надвор од македонскава налудничава реалност.
Безумност трета. Ни трепка зад името Љубчо Георгиевски. Во негово време Македонија наеднаш се подели на „до Групчин“ и „отаде Групчин“, што јасно ја исцрта границата за можна федерализација. За да победи на претседателски избори, додели 200.000 пасоши на странски државјани, со што ја стави Македонија во подредена улога на едно малцинство. И секако, ги игнорираше предупредувањата, не беше ефикасен во одбраната на татковината, па изгуби цела една војна потпишувајќи срамен и неуставен рамковен договор, со кој им беше зададен смртен удар на суверенитетот и унитарноста на Македонија. А заедно со него владееше и Васил Тупурковски. Он ни го начука со Тајван. Идиотската одлука да се закрвиме со Кина нè чинеше војна затоа што далекоисточниот џин ни удри вето и мисијата на УНПРЕДЕП се повлече од северната граница на Македонија, по што беше отворена можноста за пробивање низ неа. По овие двајца, Македонија беше целосно фрлена на колена.
Затоа македонскиот народ го врати назад Бранко за да ни одработи безумност четврта. И тој сосема нѐ дотолчи. Терористи станаа пратеници, Уставот беше ставен на гилотина, се случи новата територијална поделба, беа продадени клучните државни фирми. Последиците беа катастрофални. Тендерско криминалната група на ДУИ со своите десет-петнаесет пратеници и ден-денес е уцена за сите македонски партии што освоиле власт. Со промена на Уставот македонскиот народ престана да биде уставотворен во сопствената држава. Територијалната поделба на крајно налудничав начин направи нелогична промена на етничката слика. А продажбата на фирми како „Електродистрибуција“ и „Телеком“ на странски компании дополнително ги осиромаши македонските граѓани. Македонија беше обезглавена.
Така, на власт дојде Никола Груевски. И покрај фактот што тој извојува голема национална победа пред Меѓународниот суд во Хаг, побезумни се двете негови лудости што ја доуништија Македонија. Најавениот референдум за името и пржинскиот договор беа последните клинци во телото на македонската држава пред нејзината конечна погибел. Со референдумот за името овозможи понтијпилатско миење на рацете за секој безумник што ќе тргне во промена на името, со што овој пат крвта на идентитетскиот геноцид паѓа на душа на народот. А референдуми знаеме како местат. Преку неуставниот пржински договор на четворица племенски водачи и двајца странски сатрапи беа срушени трите столба на државноста и беше поставен паралелен судски систем. Македонија престана да биде држава и денес живее како протекторат на „дип стејт“.
Оттука, на октроираниот премиер Зоран Заев воопшто не му беше тешко, преку договорот со Бугарија, законот за двојазичност и промена на името за севкупна употреба, да продолжи со безумието активирајќи ја гасната комора во која ќе се задушат македонскиот идентитет и нашето вековно постоење. Но за да бидеме доследни мора да признаеме дека ова безумие ќе го немаше ако немаа помош во новинарството, академијата, универзитетот, удбашките структури, во потомците на црвената буржоазија и денешната интелектуална бижутерија, сите до еден одработувачи на безумиево. Ама најбезумни сме ние што ја сакаме татковината неизмерно и не би дозволиле идентитетски геноцид преку промена на име, затоа што за сите овие години безумие, ништо не презедовме. Оттука, во држава полна безумност за севкупна употреба, на изопачената светска моќ не ѝ е тешко да ја оствари својата цел, конечно укинување на Македонија и Македонците. Во името на коските на оние што ги жртвуваа своите животи за слободата на Македонија, срам да ни е.