Со 26,2 милиони евра од Светска банка ќе се подобрува инфраструктурата, ќе се модернизираат институциите и ќе се зајакне нивната соработка со цел олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Тоа го предвидува вчера потпишаниот договор помеѓу Министерството за финансии и Светска банка за финансирање на проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Станува збор за регионален проект, во кој покрај нашата земја, во првата фаза ќе се вклучат и Србија и Албанија, додека во втората фаза и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Министерот за финансии Драган Тевдовски на потпишувањето истакна дека целта на проектот е да се намалат трошоците за извоз и за увоз и да се скрати времето за прекугранична трговија.
– Процената на Светска банка е дека со реализацијата на проектот ќе се намалат трошоците за извоз и за увоз во регионот за околу 10 отсто. Сето ова ќе придонесе за унапредување на трговската размена, како и за повисок економски пораст во регионот – појасни Тевдовски.
Тој посочи дека проектот има четири компоненти, а тоа се олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан, подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост, подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и поддршка за спроведување на проектот.
Директорот на Светска банка за Македонија, Марко Мантованели, истакна дека застоите на граничните премини на Западен Балкан се пет пати подолги во однос на многу ЕУ-земји.
– Ако трошоците за логистика се изедначат со ЕУ-просекот, годишните заштеди би надминале и 1,1 милијарда долари или еден отсто од БДП во регионот. Иако извезената стока од Западен Балкан влегува во ЕУ без царина, само десет до 20 отсто од фирмите во регионот се извозници. Во согласност со процедурите, вклучувајќи ги инспекциите и царините, времето поминато на патиштата и премините ја потиснува ефикасноста, ги зголемува трошоците и го спречува развојот на трговијата – вели Мантованели.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски истакна дека преку подобрување на ефикасноста и предвидливоста на транспортот се обезбедува поддршка за развој на интелигентен транспортен систем на дел од Коридорот 10, преку набавка и инсталирање на систем за собирање на податоци за сообраќај, контрола на висината на возилата кои пристапуваат кон автопатот, како и систем за детектирање на транспортот на опасни материјали. Е.Р.