Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, ќе го посети Иран следната недела, како дел од турнејата на три земји од Блискиот Исток во кои, како што е најавено во Берлин, тој ќе се обиде да најде начин да го зачува договорот за запирање на ширењето на нуклеарното оружје.
Покрај Иран, Мас ќе ги посети Јордан и Обединетите Арапски Емирати, изјави портпаролката на неговото министерство Марија Адебар, објави „Ројтерс“.
Таа рече дека патувањето е договорено во соработка со Велика Британија и Франција, кои се исто така потписнички на нуклеарниот договор со Иран.
Британската агенција вели дека американскиот државен секретар Мајк Помпео е исто така запознаен со посетата.
САД, кои беа потписници на договорот, излегоа од него и воведоа нови санкции за Иран.