Додека властите ги нагласуваа силните врски меѓу Британија и САД за време на посетата на американскиот претседател на Островот, илјадници демонстранти се собраа под мотото „Заедно против Трамп“, изразувајќи солидарност „со сите негови жртви во Британија, САД и во остатокот од светот“
Две слики вчера можеа да се видат во Лондон за време на повеќедневната официјалната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Британија. Од една страна, семејството Трамп беше пречекано со сите државнички почести на Островот и оствари средби со државниот врв, кралското семејство и со претставници на американската и британската бизнис-заедница. Британските власти го нагласуваа големото партнерство меѓу Лондон и Вашингтон и најавуваа уште поголема соработка меѓу двете земји. Од друга страна, американскиот претседател во Лондон беше пречекан со масовни протести под мотото „Заедно против Трамп“, кои беа надлетани од веќе познатиот гигантски портокалов балон наречен „бебето Трамп“.
Британската премиерка Тереза Меј, во една од своите последни активности на чело на Владата и на Конзервативната партија пред повлекувањето на 7 јуни, вчера имаше работен појадок со Трамп и со бизнис-лидерите на американските и на британските компании, кој би требало да ги зајакне трговските врски меѓу двете земји. Таа потоа му беше домаќинка на Трамп на Даунинг стрит 10. Меј нагласи дека Британија и САД имаат големо партнерство, кое во иднина би можело да биде уште поголемо. Трамп, од своја страна, порача дека очекува голем трговски договор меѓу двете земји откако Британија ќе си замине од ЕУ, или, како што нагласи самиот, „откако Британија ќе се ослободи од оковот“.
Според „Гардијан“, британската влада максимално се обидуваше да ја нагласи важноста на политичките разговори меѓу Трамп и Меј, иако таа набргу си заминува од премиерската функција, нагласувајќи дека двајцата лидери ќе се осврнат на целосната агенда, вклучувајќи разни прашања како улогата на Иран на Блискиот Исток, односите со Кина и со Русија и можната употреба на хемиско оружје во Сирија. Властите нагласуваат дека британскиот став кон овие прашања нема многу да се менува, без разлика кој ќе ја наследи Меј.
– Без разлика кој е на функцијата, има фактори во алијансата меѓу Британија и САД што се поважни од кои било други – велат извори од Владата.
Истите тие ги отфрлија тврдењата на советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон, дека Британија по брегзит може да им се спротивстави на Германија и на Франција и да ја откаже поддршката за нуклеарниот договор со Иран, од кој САД веќе се повлекоа. Изворите нагласуваат дека поддршката за договорот со Иран е независна од членството на Британија во ЕУ.
Меј беше една од првите лидери што го посети Трамп во Белата куќа. Таа престојуваше во САД во јануари 2017 година и одржа говор за светските организации што Трамп ги критикува, како НАТО и ОН.
И додека британските власти го нагласуваа стратегиското партнерство со САД, илјадници демонстранти вчера во Лондон, но и во други градови на Островот се собраа под мотото „Заедно против Трамп“. Ним им се придружи и лидерот на опозицијата, Џереми Корбин, кој одби да присуствува на државниот банкет во понеделникот во чест на американскиот претседател. Тој нагласи дека ќе им се приклучи на демонстрантите за да покаже „солидарност со сите оние што Трамп ги напаѓал во Америка, светот и во Британија“.
Лондон вчера беше под силно полициско обезбедување, а на демонстрантите не им беше дозволено да протестираат близу локациите каде што Трамп имаше средби. Демонстрантите, меѓу кои имаше и студенти, синдикалци, работници, активисти за женски права и за животна средна, пацифисти и други, се собраа на плоштадот „Трафалгар“, кој го прогласија за „зона ослободена од Трамп“. На него можеше да се види и гигантски робот со ликот на Трамп што зборува и седи на златна шолја, а над плоштадот повторно леташе и бебето Трамп. Вчера се одржаа протести и во други градови на Британија, како Бирмингем, Шефилд, Глазгов, Единбург, Оксфорд и други.
На ланските протести за време на посетата на Трамп на Британија имаше околу 250.000 демонстранти.