Владата на вчерашната редовна 138 седница ја разгледа и усвои информацијата и одлуката за давање на согласноста за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план вон населено место „ВЕЛЕ ПОЛЕ“, за изградба на објекти со намена А-времено домување, Б-комерцијални и деловни намени, В-јавни институции, Д-зеленило и рекреација и Е-инфраструктура, КО Кучково, КО Волково, КО Ѓ.Петров 1 и КО Ѓорче Петров 3, Општина Ѓорче Петров.
Меѓуинституционалната и меѓуресорската соработка е важен сегмент во спроведување на проект од вакво значење кој е од интерес на сите граѓани на нашата држава.
-Колегите од повеќе институции активно работат на претходните работи за припрема на реализацијата на проектот за изградба на нов Универзитетски клинички центар и покажаа дека заеднички можат да се постигнат резултати за исклучително кратки рокови. Приоритет на Министерството за здравство е изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита, со што значително ќе се подигнат стандардите за лекување и третман на пациентите. Со изградбата на новиот Универзитетски клинички центар, здравствените работници ќе имаат подобрени услови за работа, младите идни колеги подобрени услови за образование а сите ние заедно ќе добиеме висококвалитетна здравствена заштита и нега по најнови светски стандарди- се вели во соопштението на Министерството за здравство.