Од „Еуромакс“ велат дека тие се целосно посветени на безбедно, одговорно и модерно рударство, а суштината на нивните вредности е посветеноста за заштита на локалното здравје и животната средина
Страстите што ги предизвикува идејата за отворање на рудникот „Иловица – Штука“ сѐ уште вријат. Во јавноста, медиумите, на теренот и во кулоарите сѐ уште постојат два антипода поврзани со проектот „Иловица – Штука“. Едната страна, имено противниците на отворањето на рудникот најавуваат герила-акции и перманентно ја зовриваат атмосферата преку кампањи и протести, ставајќи ги во прв план аргументите што се однесуваат на загрозување на животната средина, животите и здравјето на граѓаните во Струмичко. Другата страна, односно инвеститорот „Еуромакс“ изнесува аргументи што се реферираат на одговорно, безбедно и модерно рударство. Нивен аргумент плус е локалниот, рурален економски развој, вработувања, одржлив севкупен развој, коегзистирање на земјоделството и чистите технологии на рударството, како и општествено одговорното работење.
Противниците на отворањето на рудникот веќе отворено се закануваат со „показна вежба што евентуално би можела да се трансформира во целосна децентрализирана блокада на цел југоисток во блиска иднина“, доколку, како што велат, Владата не ги уважи законите и јасно изразената волја на граѓаните за стопирање и одземање на истечената концесија за рудникот „Иловица – Штука“.
– Сакаме да упатиме порака дека нашата котлина не треба да дозволиме да се загади и да овозможиме идните генерации да го уживаат овој благодат во кој ние моментално уживаме, да ја зачуваме здравата животна средина. Доколку дозволиме да се отвори таков рудник, проекциите од светски рамки се дека се потребни две илјади години за да се врати средината во нормала, односно да се создадат нормални услови за живеење – истакна Цветанчо Ѓоргиев од селото Ново Село.
Од канадската компанија „Еуромакс ресорсис“, која го гради и ќе стопанисува со овој рудник, велат дека овој проект ги исполнува највисоките македонски и ЕУ-стандарди и прописи за одржлив еколошки проект.
– „Еуромакс“, како компанија што ја развива најголемата гринфилд-инвестиција во земјата, е целосно посветена на безбедно, одговорно и модерно рударство. Суштината на нашите вредности е посветеноста за заштитата на локалното здравје и животната средина. Во локалното население и институции гледаме долгорочни економски партнери со заеднички економски придобивки. „Иловица – Штука“ е проект во кој рударството и земјоделството ќе коегзистираат заедно – нагласуваат надлежните од „Еуромакс ресорсис“.
Крум Велков, екоактивист од иницијативата „Спас за Струмичка Котлина“ и еден од иницијаторите на отпорот против рудниците на југоистокот, вели дека ако рудникот „Иловица – Штука“ биде отворен, тоа ќе значи и масовно иселување на жителите од Струмичко.
– Тоа е најголемиот рудник и најголема екобиолошка закана во Југоисточна Европа. Всушност, рудникот ќе предизвика екогеноцид, затоа што како загадувачка индустрија со чудовишни размери овој рудник ќе донесе енормно загадување од хемиски агенси, од кои повеќето се опасни по живот. Да ги спомнеме само талиумот, кадмиумот и арсенот, кои со копањето ќе се ослободат како сулфати од почвата и потоа ќе се претворат во сулфурна киселина, смртоносна – истакна Велков.
Како што нагласува тој, за рудникот се исполнети сите законски услови за одземање на концесијата.
– Неодржливо е и одложувањето на одземањето на концесијата за рудникот од страна на Владата. Сите законски услови за тоа се исполнети, а премиерот вети дека рудникот ќе биде сопрен – тврди Велков.
Тој вели дека отпорот против рудникот добива широчина, а наедно организирано се вклучиле и млади луѓе од најзагрозените села, Штука и Иловица, и во случај на издавање дозвола за работа на рудникот, ќе се појави уште поширок фронт низ целата котлина, кој ќе биде многу порадикален од досегашните главно предупредувачки протести.
– Проблемот со рудникот предолго трае и се претвора во јавна траума и дестабилизација, еден вид показател на немоќта на државата. Тоа е неодржлива состојба. Ако не нѐ заштити државата, ќе се заштитиме сами, за нас ова е прашање на опстанок. Со вакви перспективи, ние немаме намера, ниту право да правиме компромиси, и ќе се бориме докрај – вели Велков.
Неодамна за „Нова Македонија“, надлежните од „Еуромакс ресорсис“ истакнаа дека како сериозна компанија, тие 15 години прават истражувања за почвата, водата и воздухот, како и за потенцијалниот импакт врз животната средина. Тие уверуваат дека ставовите на противниците на проектот се далеку од вистината.
– Сето тоа ние го правиме по највисоки стандарди, минимум гранични влијанија за бучава, прашина, загадување на воздух, се утврдува влијанието и се предвидуваат мерките ако има средно или незначително влијание. Во најголем дел има незначително влијание. Во однос на земјоделството ниту педа од земјоделското земјиште не се зема, и нема влијание на подземните води, ниту пак на површинските води, односно нема да има влијание врз земјоделството. Ние дури тврдиме дека ќе има и флуктуација на население, односно ќе има зголемен број жители, на вработувања, ќе има поголема потреба од храна, ќе има зголемување на одгледувањето стока и земјоделски култури – велат од компанијата.
Борбата на ставови и аргументи продолжува. Едната страна подготвува многу порадикален приод од досегашните главно предупредувачки протести, а другата страна засега спокојно, уверена во вистинитоста и исправноста на своите аргументи, чека разврска на засега црно-белата статус кво ситуација во врска со проектот „Иловица – Штука“.