Десет отсто помалку студенти дипломирале лани во споредба со претходната, 2017 година, соопшти Државниот завод за статистика, според кој само една третина од дипломираните тоа го постигнале во определениот рок.
– Од вкупниот број студенти, 33,6 отсто дипломирале во рокот, додека 66,4 отсто дипломирале по рокот – соопшти заводот.
Така, лани дипломирале вкупно 7.698 студенти, од кои 4.531 биле жени. Од вкупниот број дипломци 6.692 (87 проценти) студирале редовно, а 1.006 (13 проценти) вонредно.
Од вкупниот број студенти, 6.204 дипломирале на државните универзитети, а 1.472 на приватните високообразовни установи. Најмногу дипломирале на најголемиот универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“ – 3.194. Следуваат Државниот универзитет во Тетово (1.174), универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (949), универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола (744).
Најмногу студенти дипломирале на Економскиот факултет при УКИМ (662), а најмалку на факултетите за ликовна и за филмска уметност при УГД – по двајца студенти.