Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, се противи на носењето закон за СЈО со кој би се заштитиле високите политички функционери во државата и истовремено се заложи за одржување предвремени парламентарни избори.
– Јас би поддржал закон што нема цел да амнестира некого, туку има цел постепено да ги гради правото и правната држава. Нема да поддржам закон што се крои за да се заштитат големи политички мечки во државава – вели Села во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Според него, на Македонија ѝ се потребни предвремени парламентарни избори и токму ваквите избори ќе го забрзаат евроинтегративниот процес на земјата, додека бегањето од предвремени избори, според Села, е само за да се задржи статус квото во ова општество.
– Причината зошто можеби нема да добиеме датум е фактот што ДУИ е внатре во коалиција со СДСМ и тоа е факторот, кој оневозможува да се случуваат вистински реформи од правниот аспект тука во Република Северна Македонија. И имајќи предвид дека изборите конечно ќе ја вратат демократијата во албанското општество и ДУИ ќе си замине во опозиција, мислам дека предвремените парламентарни избори ќе го забрзаат процесот на зачленување на Македонија во ЕУ – порача Села.
Тој додаде дека остануваат во опозиција и дека Алијансата за Албанците ќе стане дел од власта кога ќе победи на избори.
Села не ја исклучи и можноста во иднина да коалицира со опозициското ВМРО-ДПМНЕ или со некоја друга политичка партија.
– Алијансата за Албанците ќе коалицира со тој политички субјект што ќе ги прифати платформата и програмата на Алијансата за Албанците – истакна Зијадин Села.