Владина делегација присуствуваше на тридневна студиска програма за родово одговорно буџетирање во Мароко. Целта на студиската посета беше запознавање со меѓународно признати добри практики на Ресурсниот центар за креирање на родово одговорни политики и буџетирање во Рабат.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ги презентираше напорите на Владата на Mакедонија за институционализирање на родовото буџетирање во креирањето на националните политики и буџетирање.
– Северна Македонија веќе ги прави првите чекори во вклучувањето на родовите прашања во секторите и програмите. Имаме поволен екосистем да одиме понатаму и да ја унапредуваме агендата на родовата еднаквост. Оваа делегација е движечка сила која може да го направи тоа и што е уште поважно, имаме целосна поддршка од премиерот на Владата за да ја прифатиме оваа можност и да отвориме ваков ресурсен центар и во Северна Македонија – истакна министерката Царовска, којашто ја предводеше владината делегација во Мароко.
Елена Трпковска, државна секретарка во Министерството за финансии, вели дека работат на оваа реформа.
– Реформите во областа на јавните финасии на коишто во моментот е посветено Министерството за финансии, во целост го поддржуваат родово одговорното буџетирање преку воспоставување на родови принципи, механизми и родово сензитивни индикатори, како и следење на нивното реалзирање – рече Трпковска.
Раководителката на Канцеларијата на UN Women во Македонија, Весна Ивановиќ, рече дека телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените е во постојана собработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финании и дека ги поддржува иницијативите за родово одговорно буџетирање во земјата.
– Оваа студиска посета е дел од подготвителната фаза за отворање на првиот Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање во Северна Македонија – Ивановиќ.
Студиската посета е во рамките на проектот „Промоција на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Македонија“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, и спроведен од UN Women.