Игор Ангеловски

Во квалификациите за ЕП 2020-та, група Г, Македонија на 7 јуни игра со Полска, а на 10-ти против Австрија во Скопје

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, го објави списокот од 23 фудбалери на кои ќе смета за важните квалификациски натпревари за пласман на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2020 година, група Г. Македонија ја пречекува Полска на 7 јуни, а три дена подоцна, на 10 јуни, игра против Австрија, на домашен терен во Скопје,

На списокот на Ангеловски се наоѓа и Езџан Алиоски, играчот на англискиот Лидс, кој поради повреда го пропушти финишот од шампионатот и плејофот во Чемшионшип, во кој неговиот тим беше елиминиран од Дерби. Македонскиот селектор се надева дека Алиоски, како и двајцата фудбалери на Палермо, Илија Несторовски и Александар Трајковски ќе бидат спремни за претстојните мечеви, за разлика од Стефан Спировски кој ќе паузира подолго време. Повратници во најдобриот состав се Аријан Адеми и Марјан Радевски, кои закрепнаа од повредите.

– Ни претстојат два значајни натпревари против силни репрезентации, но мораме да веруваме во себе и да го дадеме најдоброто. Кога се игра против селекција која важи за фаворит, секој позитивен резултат значи многу затоа што ако им одземете бод(ови) тие ќе се обидат против другите селекции да го поправат тоа што го загубиле. Мечот со Полска ни е многу важен, се надевам на полн стадион и на убава атмосфера која ќе ни даде уште поголем поттик. Полјаците имаат голем индивидуален квалитет, тука се Левандовски, Пјонтек, Милик, Зјелински. Ние ќе треба да имаме ист пристап како и на претходните натпревари, а со таква игра можеме да дојдеме до позитивен резултат – рече селекторот Ангеловски.

Македонија во првите два натпревари во квалификациите, во март, ја совлада Летонија, дома со 3-1 и ремизираше на гости против Словенија, 1-1 и е трета на табелата со четири бода. Полска е лидер со максимални шест бода, по победите над Австрија на гости, 0-1 и над Летонија дома, 2-0. 


Состав на Македонија

Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано, Шпанија), Дејан Илиев (Арсенал, Англија), Дамјан Шишковски (Ропс, Финска).
Одбрана: Стефан Ристовски (Спортинг, Португалија), Висар Муслиу (Шкендија, Македонија), Егзон Бејтулаи (Шкендија, Македонија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Дарко Велковски (Риека, Хрватска), Кристијан Тошевски (Вардар, Македонија), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија).
Среден ред: Енис Барди (Леванте, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо З., Хрватска), Бобан Николов (Види, Унгарија), Езџан Алиоски (Лидс, Англија), Ферхан Хасани (Ал Раед, С. Арабија), Елиф Елмас (Фенербахче, Турција), Кире Марковски (Спартак Т., Словачка), Марјан Радевски (Шкендиј а, Македонија).
Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Илија Несторовски (Палермо, Италија), Александар Трајковски (Палермо, Италија), Крсте Велковски (Сараево, БиХ), Дарко Чурлинов (Келн, Германија).