Се разрешуваат сите претседатели на општински ограноци на Социјалдемократскиот сојуз, изјави премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев кој синоќа донел одлука да бидат изработени решенијата од страна на администрацијата во владејачката партија. Тој најави дека во текот на денот ќе ги потпише решенијата.
-Следуваат чекори во делот на промените, како ќе се носат така ќе ги објавуваме до граѓаните и до јавноста, токму преку вас медиумите. Како што реков, почетокот на јуни или првата половина на јуни ќе се случуваат промените во општествениот сектор, а тоа се јавните претпријатија, министерствата, владата и сите владини институции. Додека во политичкиот дел, односно во мојата политичка партија, таму каде што јас сум директно надлежен, а тоа е во изборот на претседателите на општинските организации, одлуката ја донесов синоќа и ја соопштив на координација на колегите од раководството, рече Заев.
Тој појасни дека вкупно 78 претседатели на општински организации од 80 општини се разрешени и органите и телата на партијата веднаш ќе донесат одлука за отпочнување на постапка за избор на ново раководство. Со разрешувањето на претседателите на општинските организации, вели Заев, паѓаат извршните одбори на локално ниво заради тоа што тие се формирани на предлог на претседателите на општинските организации.
-Верувам дека сето ова ќе предизвика едно возобновување на севкупниот амбиент на луѓе кои што се доста експонирани, постојат за да бидат добра алка на премостување и решавање на проблемите на граѓаните, се со конечна цел сите да учиме од своите слабости и да бидеме уште подобри во периодот кој што претстои пред нас, додаде Заев.