Политичките партии од бошњачката и од српската заедница во Босна и Херцеговина се наоѓаат пред постигнување компромис за понатамошната соработка со НАТО, која беше спорна за политичкото водство во Република Српска, кое се противи на членството во оваа воена алијанса. Како што пишуваат медиумите во БиХ, СДА и СНДС се согласиле за продолжување на соработката со НАТО преку прифаќањето на програмата, која не значи и трајно зачленување, а за таков вид соработка се залага и Република Србија. Имено, од партијата на Милорад Додик се согласни да ја прифатат ИПАП-програмата, која е една скала пред МАП што значи и целосно зачленување во НАТО. ИПАП-програмата е наменета за земјите што немаат намера да пристапат на Северноатлантскиот сојуз, што е спротивно и на политичките определби на партиите од хрватската и од бошњачката заедница во БиХ.
За БиХ овој механизам е главно исцрпен, а соработката на ниво на ИПАП се применува во Србија, Молдавија и во неколку постсоветски републики. Разликата со МАП е суштинска и се однесува во крајниот лимит, а тоа е зачленување на некоја земја во НАТО што, според реакциите на политичката јавност, претставува и редуцирање на стратегиските интереси на Босна и Херцеговина.
Првите сигнали за постигнување договор деновиве ги прати Милорад Додик, актуелниот претседател на Претседателството на БиХ и лидерот на СНДС, кој го повика НАТО да се направи план за одредена соработка во рамките на Партнерството за мир. Со ова компромисно решение се отстранува последната пречка за формирање на новата државна власт, затоа што идните коалициски партнери ги договорија сите детали околу новиот мандатар и поделбата на министерските места.