Разликата во гласовите помеѓу владејачката партија СИРИЗА и главната опозициска партија Нова демократија ќе биде голема на изборите за Европскиот парламент, кои се одржуваат следната недела, изјави портпаролот на пратеничката група на Нова демократија, Никос Дендијас.
– Во случај на каков било исход во кој владејачката партија би била второпласирана, тоа ќе значи дека СИРИЗА загубила и премиерот Алексис Ципрас би требало да поднесе оставка – изјави Дендијас за грчката агенција АНА.
Во пресрет на изборите за Европскиот парламент и локалните избори во Грција на 26 мај, најголемата опозициска партија во оваа земја, Нова демократија, ја задржува предноста над владејачката СИРИЗА од 6,5 отсто, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.
Во анкетата објавена од грчкиот весник „Та неа“, 30 отсто од испитаниците ги поддржуваат конзервативците, додека 23,5 отсто ја поддржале владејачката партија СИРИЗА.
Според податоците од истражувањето, сојузот од левиот центар Движење за промени е поддржан од 6,6 отсто од испитаниците, пред екстремната десница Златна зора, со 6,3 отсто, и Комунистичката партија на Грција, со 5,9 проценти. Европските избори се тест за расположението на грчките граѓани пред парламентарните избори, кои ќе се одржат во октомври.