За „Нова Македонија“ од Израел, Марија Таушанска
По неколкуте проби на евровизиската сцена, Тамара со Proud се искачи на 13-тото место, а според некои прогнози таа ќе биде седма на финалната вечер.
Фаворити за победа, според обложувачниците се претставниците на: Италија, Русија, Швајцарија, Холандија, Франција, Малта…
Годинава има повеќе балади, но и неколку весели брзи песни, со лепливи рефрени, што лесно влегуваат во уво.
Според Коста Петров, пиар на македонскиот евровизиски тим, атмосферата меѓу нашите учесници е одлична.
– Второто полуфинале е потешко, сите фаворити се тука – Холандија, Азербејџан, Малта, Франција, Австралија, но, сепак, веруваме дека ќе имаме одличен настап во четврток. Досега имавме две проби, кои минаа одлично, иако некои работи што ги побаравме од организаторите не ги направија. Сепак, има уште време за корекции на некои мали детали. Го имаме најдобриот евровизиски тим што некогаш Македонија го имала. Има одлична енергија, дружење меѓу нас. Тамара одмара го чува гласот и едвај чека да дојде четврток – ни рече Коста Петров.
Денеска тимот е во Ерусалим, а претходните денови Тамара се појави на црвениот килим, со останатите учесници, а беше гостинка и на македонската вечер во амбасадата на нашата земја во Тел Авив.
– Тамара сите многу ја сакаат овде, се фотографираат со неа и со задоволство позираат со знакот Proud – вели Петров.
Утре се одржува генералната проба за втората фестивалска вечер кога гласа жирито. Односот меѓу гласовите на жирито и публиката е 50 наспрема 50.
Нашата евровизиска преставничка, во четврток, на второто полуфинале се надева на гласовите на Македонците во цела Европа, па и во Израел.
– Нас ни е многу важно да ја добиеме поддршката од Македонците во светот. Оваа песна е за сите нас, па ајде да бидеме горди утревечер – порача Тамара.