Откако првпат забрчија багерите да го означат почетокот на изградбата на булеварот Босна и Херцеговина, близу населбата Скопје Север, седум месеци мируваа. Од пред неколку дена градежни работници почнаа да копаат кај дрворедот во населбата, а тамошните жители се прашуваат колку долго ќе прескокнуваат преку канали и ископана улица за да дојдат до автобуската станица на линиите со броевите 9 и 35
Почетокот на градежните зафати за изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина беше свечено означен лани во септември, со раздвижени багери на терен и присуство на двајцата градоначалници на Скопје, Петре Шилегов и на општината Бутел, Велимир Смилевски. Оттогаш, па досега седум месеци багерите мируваа на делот каде што беше свеченоста, близу населбата Скопје Север. А од другата страна на улицата, пред таканаречените социјални згради во Бутел, избраздeн беше само мал дел од проширувањето на новопроектираниот булевар. И ова заврши по асфалтирањето на пробивната сообраќајница Христијан Тодоровски-Карпош, по што повторно остана впечатокот дека работите стојат во место.
Во делот на населбата Скопје Север од пред неколку дена градежни работници почнаа да копаат кај дрворедот од страна на населбата и на ископаниот канал поставуваат арматура. Граѓаните не знаат за што станува збор и се прашуваат дали се тоа повторно само стихијни активности за изградба на булеварот. Сметаат дека ако вака бавно се реализираат работите, веројатно уште долго ќе газат по кал и ќе голтаат прашина. Особено се засегнати што сега мораат да одат по заобиколен пат или да прескокнуваат преку ископаните канали за да дојдат до автобуската станица на линиите со броевите 9 и 35. Оние што живеат во зградите близу булеварот велат дека сега во овие дождливи денови навистина газат по калишта.
– Зад автобуската станица дојдоа лани при крајот на летото, раскопаа со багерите и си заминаа. Сега пак ни го раскопаа делот кај дрворедот, на кој летно време за да избегаме од горештините, седевме на тревата, бидејќи никогаш не им текна да стават клупи. Сега го раскопаа потегот кај дрворедот, а уличката пред зградите од дождовиве се направи сета кал. Уште полошо е што преку каналите скокаме наутро да фатиме автобус преку улица, а поминувајќи преку тесните штици на каналот од брзање некој може и да се лизне – вели Софка Ивчева, жителка од населбата.
Улицата Босна и Херцеговина е само дел од поврзувањето на општината Бутел со Шуто Оризари, а преку булеварот Словенија и со општината Карпош. Изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина лани беше најавена на потегот од раскрсницата со булеварот Словенија и улицата Македонско-косовска бригада до раскрсницата со улиците Бутелска и Кемал Сејфула, со која се сече на семафорите. Кога и дали ќе продолжи булеварот покрај старите општински бараки до социјалните згради немаме одговор.
– Минатата година започна реализацијата на проектот за изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, на потегот од раскрсницата со булеварот Словенија и улицата Македонско-косовска бригада до раскрсницата со улиците Бутелска и Кемал Сејфула. Новиот булевар ќе има по три коловозни ленти во двата правци, пет метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни, а проектот е во вредност од околу 150 милиони денари. Реализацијата се одвива во согласност со предвидената динамика, а рокот е 18 месеци од денот на воведот во градежните работи – велат од градот Скопје.
За изведувач на првата фаза од реконструкцијата и надградбата на булеварот Босна и Херцеговина во населбата Скопје Север, градските власти ја избраа компанијата „Карпош АД“. Нејзиниот ангажман допрва треба да се реализира на терен.
– Постојната улица Босна и Херцеговина е изградена пред повеќе од 40 години, асфалтот не е заменет и широка е само седум метри, а истата таа ќе прерасне во нов модерен булевар. Поради констатираните пукнатини на коловозната површина и оштетувањата на улицата, но и поради тоа што претставува главна градска магистрала што ги поврзува општините Бутел и Шуто Оризари, решивме како еден од нашите приоритети да биде изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина.
Овој булевар ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри. Новиот булевар ќе има по три коловозни ленти во двата правци, пет метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни – кажа градоначалникот Шилегов во септември кога почнаа градежните работи. Но багерите на тој потег забрчија само тогаш и оттогаш наваму мируваа. Забарздениот дел зад автобуската станица и блиските фирми спроти населбата Скопје Север само потсетуваат дека таму нешто ќе се гради. Колку брзо ќе се изгради останува да се види, иако првично за првата фаза од булеварот беше најавен рок од 18 месеци.
Градежните зафати ќе се одвиваат по основниот проект изработен од „ГЕИНГ КуК“ од Скопје. На пократок рок, изведбата на оваа фаза од булеварот Босна и Херцеговина ќе овозможи побрзо и побезбедно движење на жителите од општините Бутел, Чаир и Шуто Оризари.