Последниот подем на Ајакс на глобалната сцена, меѓу другите, се поврзува со директорот за фудбал Марк Овермарс и со шефот на скаутинг-одделот, Ханк Велдмате, кој на оваа позиција дојде во 2016 г., а претходно 33 години помина во Гронинген

Одличните резултати на Ајакс сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ), пласманот во полуфиналето, елиминацијата на сѐ уште актуелниот првак Реал Мадрид, потоа и на Јувентус, со супериорни игри, го привлекоа вниманието на европската и на светската фудбалска јавност. За подобрите познавачи на приликите во европскиот фудбал, особено во Ајакс, тоа и не е некое изненадување, имајќи го предвид пласманот во финалето на Лига Европа (ЛЕ) пред две години (пораз од Манчестер јунајтед), како и начинот на кој функционира Ајакс со години, па и со децении.
Кон крајот на 60-тите и во почетокот на 70-тите години од 20 век, на голема сцена стапи генерацијата на легендарниот Јохан Кројф, која го промовира „тоталниот фудбал“ и одбележа цела една епоха. По мала пауза, кога говориме за европски трофеи, на сцена стапи генерацијата на Марко ван Бастен, Франк Рајкард, Денис Бергкамп, со Кројф како тренер, која го освои Купот на победниците на куповите во 1987 година. Потоа, во 1995 година Ајакс, со Партик Клајверт, Едгар Давидс, Кларенс Сидорф, Марк Овермарс, Едвин ван дер Сар, предводени од тренерот Луј ван Гал, ја освои четвртата титула европски првак, а во следната година играше во финалето и загуби од Јувентус.

Во претходните и во следните години од славната, надалеку позната Академија на Ајакс излегоа плејада квалитетни фудбалери кои направија фантастични кариери.
Последниот подем на Ајакс на глобалната сцена, меѓу другите, се поврзува со неколку личности, пред сите со директорот за фудбал Марк Овермарс (46) и со шефот на скаутинг-одделот, Ханк Велдмате (62), кој на оваа позиција дојде во 2016 г., а претходно 33 години помина во Гронинген, како фудбалер, шеф на младинската школа, потоа и како технички директор.

Овермарс пристигна на директорската позиција во 2012 година, а во јануари 2017 г. направи некои работи кои придонесоа за последните успеси. Тогаш тој им се заблагодари на соработката на неколкумина фудбалери и им го отвори патот на младите кон првиот тим, на Џастин Клајверт, Дони ван де Бек, ги ангажира Бразилецот Давид Нерес и Мароканецот Хаким Зијеч, кои се меѓу најскапо платените засилувања во клупската историја. Во меѓувреме, од продажбата на фудбалерите заработи 80 милиони евра. Тоа е, всушност, целата филозофија на функционирање на Ајакс со години – „производство“ на млади фудбалери во Академијата, купување талентирани, но не скапи играчи и продажба кога нивната цена е највисока на фудбалскиот пазар.

Скаутирањето, односно наоѓањето млади, талентирани фудбалери низ Европа, но и во Јужна Америка, е неизбежен дел од работењето на Ајакс. И тука во приказната влегува Велдмате, шефот на развојниот дел, кој пристигна во Ајакс во 2016 година.

Тој е човекот што го „пронајде“ Луис Суарез во Уругвај во 2006 г., како 19-годишник.

Велдмате заминал таму за да гледа друг играч, но по само 15 минути му било јасно дека Суарез е она „вистинското“. Под негово водство во Гронгинен три сезони се развиваше Вирџил ван Дајк, пред да замине во Селтик, потоа во Саутемптон, за во Ливерпул да прерасне во еден од најдобрите центархалфови на светот. Под водство на Велдмате во Гронинген тренираа и Душан Тадиќ, Маркус Берг и многу други.

Тој во првата сезона кога пристигна во Ајакс ги доведе Колумбиецот Давинсон Санчез, сега играч на Тотенхем, и Нерес. Последните вести од Холандија велат дека Велдмате е во преговори за ангажирање на младиот Аргентинец, Кристијан Павон, напаѓачот на Бока јуниорс, но проблем може да бидат 40-те милиони евра, колку што е неговата цена.


Половина тим си заминува летово?

Летово Ајакс ќе остане речиси без половината од сегашниот млад, полетен и успешен фудбалски тим. Френки де Јонг веќе потпиша договор со Барселона, по неговите стапки најверојатно ќе тргне и капитенот, 19-годишниот центархалф Маријас де Лихт, кого го посакуваат половината клубови од Премиер лигата. Нерес не крие дека следна посакувана дестинација му е клуб во Англија, Ван де Бек, исто така, е цел на многу познати клубови, баран е и голманот, Камерунецот Андре Онана, кој беше дел и од познатата „Ла Масија“ на Барселона (од 2015-та е во Ајакс), потоа Зијеч итн. Но имајќи предвид дека Ајакс знае да „оперира“ во вакви околности, нема да изненади доколку во скора иднина повторно блесне некоја нова генерација фудбалери.


Тен Хаг по стапките на Кројф, Михелс и Ван Гал

На тренерската клупа на Ајакс од декември 2017 година е Ерик тен Хаг (40), претходно тренер на Утрехт и на вториот фудбалски тим на Баерн во периодот кога прв тренер на Баварците беше Пеп Гвардиола, од кого, како што вели, ги презел дисциплината и фокусираноста со деталите. Претстојниот егзодус на фудбалерите од Ајакс тој го смета за нешто нормално.
– Ние не сме Реал, Барселона, Баерн, Манчестер сити или Јувентус. За нас како клуб е нормална работа кога играме добро другите да се интересираат за нашите играчи и тие да си заминуваат. Се надевам дека летово нема да си заминат многу, но не сум загрижен, бидејќи во Академијата има уште многу талентирани играчи. Имаме начини како да напредуваме во сите сфери, од скаутирањето на играчите, до нивното напредување, тоа ни се случува секоја сезона – вели Тен Хаг, кој во својата работна соба ги има портретите на Јохан Кројф, Ринус Михелс и на Луј ван Гал.

 

[email protected]