Новиот политички сојуз го носи името Европска алијанса на народи и нации

Ултрадесничарски партии формираа сојуз за европските избори, кој најавува одбрана на суверенитетот и запирање на имиграцијата. Тие немаат заедничка визија за Европа, ама најавуваат борба против ЕУ однатре

Италијанец, Германец, Данец и Финец се собраа во понеделникот во Милано за да го формираат новиот европски сојуз на ултрадесничарски и десничарски партии, што би требало темелно да ја реформира Европа. Нивната порака е одбрана на националните граници, запирање на нелегалната имиграција, борба против исламистичкиот тероризам и уште неколку други прашања.
Тие ја нарекоа својата нова група Европска алијанса на народи и нации, но наспроти заедничката загриженост за миграцијата, овие партии често имаат многу различни ставови, особено за трговијата и економијата. На прес-конференцијата малку се зборуваше за еврото, а воопшто не се спомна за неговото напуштање. Прашањето сега е дали овие партии, колку и да се мали, ќе обезбедат победа на изборите за Европскиот парламент во мај.

Состанокот во понеделникот беше организиран од Матео Салвини, министер за внатрешни работи на Италија и лидер на десничарската партија Лига, а исто учествуваа и Јерг Мојтен, единствениот член на Европскиот парламент од Алтернатива за Германија (АФД), Оли Котро од Партијата на Финците и Андерс Вистисен од Данската народна партија. Состанокот сугерираше – но сѐ уште не е потврдено – дека Салвини собрал голем број десничарски партии кои претходно одбиваа да ги здружат силите во еден евроскептички блок, создаден со заедничка визија за националниот суверенитет и претворена во транснационален сојуз.

Тие немаат кохерентна визија за тоа како ќе изгледа Европа. На пример, Мојтен рече дека АФД поддржува заедничка трговска политика на ЕУ и заеднички пазар. Тоа е победа за луѓето, вели тој. Но Салвини вели дека ако Алијансата добие поголема моќ во Европскиот парламент, можеби ќе сака да именува европски комесари кои ќе ги преразгледаат некои од прашањата поврзани со политиките на неговата партија, како трговијата, даноците и туризмот.

Салвини изјави дека на состанокот претставувал група партии, вклучувајќи ја и француската ултрадесница на Марин Ле Пен. Но потоа Мојтен им изјави на новинарите дека Ле Пен уште не потпишала. Всушност, Мојтен лани изјави дека никогаш нема да се здружи со Ле Пен, поради нивните разлики во економијата и поради влијанието на основачот Жан-Мари Ле Пен, таткото на Марин, кој го негираше Холокаустот.
Мојтен на состанокот ги отфрли наводите дека членовите на АФД го негираат Холокаустот. Политичарите, исто така, одговараа на прашања дали нивните ставови за имиграцијата го охрабриле екстремистот во Нов Зеланд да убие над 50 лица во две џамии во градот Крајстчрч. Тие негираа такво нешто.

Овие партии можеби се гласни поборници за сувереноста, но не се и премногу силни. Најголеми блок во Европскиот парламент е Европската народна партија, која ја вклучува Демохристијанската унија на германската канцеларка Ангела Меркел. Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, се обидува да формира сојузи за централно-левичарски блок во Европскиот парламент, кој ќе помогне да се попречат десничарските партии. Неговиот блок повеќе ќе претставува брак од интерес отколку чин на синхронизираност.

Наспроти говорите за изградба на нова Европа и за иднината на Европа, тешко е да се предвиди дали настанот од понеделникот беше само слаб сигнал на радарот, прес-конференција на која се промовирани застарени слогани или, пак, почеток на една нова ера, во која духовите на европското темно минато на 20 век се враќаат да ја прогонуваат сегашноста.

Сепак, тоа би можело да означи поместување во составот на Европскиот парламент, институција која со текот на времето се бореше и добиваше одредена мера на влијание кога станува збор за креирање политики во блокот.

– Првпат во новиот Европски парламент нема да има малцинство, туку опозиција, бидејќи групата на Салвини ќе се спротивставува на ЕУ однатре – вели Маурицио Молинари, главен уредник на „Ла стампа“.

Тој е во право зашто Европа може да биде сведок на ново поглавје ако повеќето избрани претставници ја доведат во прашање целата европска структура.