За високата цена на нафтата, која вчера достигна околу 71 долар за барел, покрај разгорувањето на борбите во Либија, придонесуваат продлабочувањето на кризата во Венецуела и тензиите помеѓу САД и Иран. Експертите стравуваат од можно поголемо нарушување на светскиот пазар на нафтата што, пак, сигурно ќе предизвика ново големо зголемување на цената на црното злато

Цената на нафтата на светските берзи го достигна највисокото ниво од почетокот на годинава поради разгорувањето на ривалските борби во Либија, еден од клучните извозници на ОПЕК. За високата цена на нафтата, која вчера достигна околу 71 долар за барел, придонесуваат продлабочувањето на кризата во Венецуела и тензиите помеѓу САД и Иран. Експертите стравуваат од можно поголемо нарушување на светскиот пазар на нафтата што, пак, сигурно ќе предизвика зголемување на цената на црното злато.

Силите лојални на генералот Калифа Хифтер продолжуваат со офанзивата кон Триполи, седиштето на либиската влада поддржана од Обединетите нации. Последните информации од теренот говорат дека милициите на Хифтер извршиле артилериски напади врз единствениот функционален меѓународен аеродром во Триполи, зголемувајќи ги стравувањата дека неговата воена кампања може да ја втурне земјата повторно на хаос. Иако најновите борби во Либија се далеку од клучните нафтени инсталации, опасноста од можно нарушување на испораката на либиска нафта беше доволно за да ги потресе глобалните цени на нафтата.

За загриженоста на берзите придонесе и одлуката на Белата куќа да ја означи Исламската револуционерна гарда како „странска терористичка организација“, која стапува во сила на 15 април. Американскиот чекор има цел за дополнително заплашување на секоја странска компанија или влада што соработува со Иран. Потегот се случува во период кога некои од купувачите на иранска нафта, вклучувајќи ги и Кина и Индија, чекаат да видат дали нивното изземање од американските санкции ќе биде продолжено по мај.

– Речиси е исто како во 2011 година, кога беше соборен бившиот либиски диктатор Моамер Гадафи. Ако Либија дојде повторно на ред, тогаш тоа само дополнително ќе го стесни пазарот – оценува Џон Дрискол, главен стратег во „ЈТД Енерџи сервисес“.
Според него, Венецуела и Иран се други потенцијални извори на ризик за пазарите на нафта.

– Работите се страшни во Венецуела, се намалува производството на нафта, а прекините на снабдување со електрична енергија го преполовија нивниот извоз – истакнува Дрискол.

Во јануари, САД воведува санкции против венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА, во обид да го сменат од власт претседателот Николас Мадуро, додека тој ги одмерува силите со опозицискиот лидер Хуан Гваидо. Истовремено, Вашингтон продолжува да го зголемува притисокот врз Техеран, а американскиот претседател Доналд Трамп ја стави Исламската револуционерна организација на терористичката листа, што е првпат САД формално да означат војска на друга држава како терористичка група. Тензиите меѓу двете земји постојано растат откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран, што беше постигнат во 2015 година.

Администрацијата на Трамп исто така повторно воведе санкции за извозот на иранската нафта, задавајќи ѝ голем удар на иранската економија.

Коментирајќи ги неодамнешните изјави на американски функционери, како онаа на државниот секретар Мајк Помпео, кој се закани со „комплетно уништување на иранскиот извоз“, Дрискол оценува дека таквата цел е нереална.

– Како што расте цената на нафтата, така ќе биде многу потешко да се задржи таа нафта надвор од пазарот – додава американскиот експерт.

Дрискол предупредува дека во случај Техеран да го загуби трпението со Вашингтон, и проба да го затвори Ормутскиот теснец – критичен морски премин за испораката на нафта – тоа ќе резултира со губење на критична транзитна точка, каде што поминуваат околу 30 отсто од светската нафта.

И додека борбите се разгоруваат околу Триполи, вниманието на светската јавност е фокусирано на можниот исход од офанзивата на Хифтер. Доколку победи, тоа најверојатно би значело обединета Либија под негова власт. Хифтер не само што ја контролира најмоќната воена сила во Либија, туку и производството од над еден милион барели нафта на ден, кое е главен извор на приходи за земјата. Околу 50 километри западно од Триполи е Завија, каде што се наоѓаат голема рафинерија и терминал за извоз на нафта. Доколку Хифтер ја преземе контролата таму, тој буквално ќе ја контролира либиската нафтена индустрија, и би можел да пренасочи дел од придобивките кон своите приврзаници на истокот, кои сметаат дека преголем дел од богатството е концентрирано во западниот дел од земјата.


Тајани: Франција виновна за хаосот во Либија

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани ја обвини Франција за интервенцијата, спроведена само поради остварувањето на француските цели.
– Отсекогаш тврдиме дека Франција и Италија имаат различни интереси во Либија, толку различни, што Саркози, заедно со Американците и Британците, беше еден од главните поддржувачи за соборување и потоа за ликвидирање на Моамер Гадафи. Франција направи драматична историска грешка и се надеваше на посилно присуство во Либија, но на крајот, таму нема ништо освен хаос, а ние ја плативме цената преку континуирани приливи на мигранти – порача Тајани.
Тој додаде дека сегашната криза ја рефлектира немоќноста на Италија да доминира со ситуацијата во Либија, а тоа само дополнително ќе ги отвори вратите за нови бранови имигранти. Првиот човек на Европарламентот предупреди дека нова граѓанска војна во Либија ќе принуди стотици илјади лица да ја напуштат земјата.
– Ако ништо не се преземе сега, ситуацијата ќе излезе од контрола. Италија и Европа први ќе ја платат цената, поради тоа мораме сега да реагираме. Италија, за жал, не постигна ништо во Либија – порача Тајани.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

[email protected]